Вести Македонија Најважни

ПИОМ е неликвиден, доцни со уплатите во вториот пензиски фонд и во ФЗО

Фондот за пензиско и инвалидско осигурување е неликвиден. Тој нема доволно средства за сам да ја сервисира исплатата на пензиите, не врши навремената уплата на придонесите за осигурениците во вториот пензиски столб, а доцни по неколку месеци со уплатат за здравственото осигурување на пензионерите. Ова го утврдил Државниот завод за ревизија за финансиското работење на Фондот за пензиско осигурување за периодот 2024 година.

Иако приходите од наплатен придонес во 2024 година Фондот ги зголемил за 14 проценти споредено со годината претходно, тој сепак останал покус за повеќе од една третина од средствата за да ги исплати пензиите на пензионерите поради што разликата од 36,7 проценти било покриено со трансферирани на средства од Буџетот на државата во висина од 690.629.593 евра.

  • „Оствареното зголемување на приходите во 2024 година и понатаму не е доволно за покривање на расходите за пензии кои исто така секоја година бележат раст и во 2024 година изнесуваат 90.277.241.000 денари“, се наведува во Извештајот на ДЗР.

Соодносот пензионери – осигуреници на крајот од 2024 година изнесува 1:1,63 и истиот бележи намалување во однос на 2023 година кога бил 1:1,70.

Освен недоволно пари за исплата на пензиите Фондот им должи и на осигурениците во вториот пензиски фонд. Тој во 2024 година во просек им доцнел околу два месеци со уплата, а заклучно со 27 февруари годинава утврден му е долг од 42.161.268 евра по основ на нераспределени придонеси кон приватните пензиски друштва.

Ревизорите утврдиле и дека Фондот за пензиско осигурување не врши и навремена уплата и на придонесите за здравствено осигурување на пензионерите.

  • „Во 2024 и 2025 година исплатите се вршени со задоцнување од неколку месеци, при што до 28.02.2026 година придонесите се исплатуваат со доцнење од осум месеци. Вкупната неисплатена обврска за периодот од јуни 2025 до јануари 2026 година изнесува 136.400.000 евра“, се наведува во Извештајот на ДЗР.

Во делот на административното работење на пензискиот фонд утврдени се слабости, односно дека не е извршено евидентирање на движниот и недвижен имот во деловните книги, пописот на земјиштето е нецелосно спроведен, пописот на дел од побарувањата е извршен без утврдување на правниот основ и застареност, а Фондот не располага со целосни податоци за вкупно наплатените средства од акцизи од Буџетот и за основот за повлекување на средства од сметката на надлежното министерство.

Ревизијата утврдила и слабости во начинот на издавање на деловниот простор под закуп, во спроведувањето на дел од договорите за јавни набавки, начинот на доделување и исполнетоста на условите за сместување во пензионерските домови, а на сметката за уплата и распределба на придонеси, на крајот на секоја година останувале парични средства кои не се користат за исплата на пензии.

Тамара Грнчароска

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Доцова по средбата со Гаши: Потребно е да се направат уставни измени

Дејан Дејан

Буџетскиот дефицит се зголемува за 110 милиони евра

Дејан Дејан

Мицкоски го информирал НАТО за објавена дипломатска нота

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе