Граѓанската иницијатива „Здрава Котлина“ остро реагираше на одлуката на Вишиот управен суд со која се поништува одлуката за престанок на важноста на спојувањето на концесиите за рудникот Иловица, оценувајќи дека пресудата е донесена без соодветно образложение.
Во соопштение со наслов „Баравте војна – си добивте војна“, од иницијативата тврдат дека судот донел одлука „со никакво штуро образложение“ и посочуваат дека во пресудата, според нивното толкување, предметот повторно се враќа на одлучување во Владата.
Од „Здрава Котлина“ ја обвинуваат Владата дека не ја искористила можноста да поднесе приговор и дека дозволила да истечат роковите, а притоа сега се повикува на почитување на законите.
Во реакцијата повторно ги наведуваат своите долгогодишни забелешки за проектот Иловица, меѓу кои, како што велат, се поминати рокови, заложување на концесијата како колатерал, условите за експлоатација на рудата, користењето вода од браната Турија, како и потенцијалните еколошки последици од рударските активности.
Активистите поставуваат и прашања за најавените измени на Законот за минерални суровини и ги потсетуваат политичките чинители на ставовите и ветувањата што ги давале во периодот 2023–2024 година, кога се организираа протести против отворањето на рудникот.
„Нема да копате, а отворивте војна со народот“, порачуваат од „Здрава Котлина“, најавувајќи продолжување на отпорот против реализацијата на проектот.
Сузана Мицева
