Борбата на македонските пожарникари со огнената стихија низ државата, која трае повеќе од еден месец не остана непрепознаена. Национални установи од културата се солидаризираат со пожарникарите и нудат финансиска и друг вид помош за нив. И се надеваат дека нивните хумани иницијативи ќе предизвикаат бран слични реакции кај останатите установи од културата и кај другите припадници на бизнис заедницата.
Установите од културата самоиницијативно се солидаризираат со пожарникарите ,кои повеќе од еден месец со дотраена опрема, но херојски се справуваат со пожарите низ Македонија. Две национални установи од културата веќе се огласија со конкретна помош за пожарникарите. Театарот Комедија од Скопје, дава финансиска помош за пожарникарите од Општина Кочани.
- Театар Комедија одвојува 150 000 денари финансиска поддршка за Доброволното противпожарно друштво од Кочани. Помошта во борбата со огнената стихија во овие тешки моменти е нужна. Ги бодриме сите тимови низ Македонија. Пожарникари, не сте сами! Благодариме за вашата сила, имате благородна задача, велат од театарот Комедија.
А, од Центарот за култура „ Трајко Прокопиев“. од Куманово , најавија донесување одлука со која пожарникарите ќе можат бесплатно да ги следат претставите на престојното издание на фестивалот „ Денови на комедија“ , во септември.
- За сите пожарникари кои се од Куманово и Старо Нагоричане влезот за претставите за Меѓународниот фестивал „Денови на комедија- 2024“, да биде слободен. Билетите ќе може да се подигнат кога ќе започне продажбата на истите, во втората половина од месец септември, велат од Центарот за култура „ Трајко прокопиев“ во Куманово .
Од установите од културата кои веќе најавија помош, се надеваат дека нивниот гест ќе предизвика бран иницијативи, секоја установа од овој ресор со што и колку може, да им излезе во пресрет на македонските пожарникари. А, може да се вклучи и бизнис заедницата, велат тие.
Сотир Трајков
