Другите нè тапкаат по рамо, а Унгарија на Орбан покажа дека ни е вистински пријател кога ни е најтешко. Ова е одговорот на премиерот Христијан Мицкоски која е мотивацијата на Унгарија да ѝ даде кредит од 1 милијарда евра на Македонија по двојно пониска камата од пазарните. Во унгарските медиуми веќе се појавија критики дека нивната земја се задолжува по полоши услови, а потоа ѝ дава кредит на Македонија по пониска камата.
„Јас сум благодарен, бидејќи кога на човека му е тешко, тогаш треба да ги види вистинските пријатели. Инаку, рамото ми отпадна од поттапнување по рамо колку сме ние добри, а за жал никој не ни помага кога ни е тешко, и затоа, за да го сочуваме рамото, ги поканувам сите вистинските пријатели, кога нам ни е тешко, кога треба помош и поддршка, да ни помогнат со нешто коешто сите можеме да го видиме“, изјави Мицкоски.
Тој најави дека земјава прво ќе земе половина милијарда евра од Унгарија – по 250 милиони евра за бизнисот и за проекти на општините. Каматата е 3,25 отсто, со три години грејс период и 12 години рок на отплата. Во јануари, Македонија ќе земе уште 500 милиони евра за враќање на еврообврзницата од 2018 година.
Мицкоски рече дека СДСМ им оставиле празна државна каса и затоа морало да се направи ребаланс за да се обезбедат пари за функционирање на државата. На прашањето зошто се кратат пари за инвестиции во здравството, тој вели дека не се крати ништо од граѓаните, туку само од крадењето. И покрај тоа што со ребалансот се кратат пари за изградба на клиничките центри во Скопје и во Штип и за болницата во Кичево, тој вели дека клиничкиот во Штип и болницата во Кичево ќе се градат.
„Главен приоритет на оваа влада ќе биде завршување на Клиничката болница Штип и болницата Кичево и веќе работиме. Работиме со една сериозна компанија којашто тоа ќе го направи и ќе го направи по еден економски модел којшто го работиме во моментот, а којшто нема да значи сомневања за криминал. Лично ќе ги гледам фактурите на царина кога ќе се увезуваат медикаменти. Лично јас ќе седам и ќе ги гледам за да нема ненормални приходи кои ги книжат поединци, на сметка на здравјето на граѓаните. Лично ќе седам и ќе ги гледам“, изјави Мицкоски.
Инаку, во ек на пеколни горештини, Мицкоски денеска присуствуваше на поставување камен-темелник за нова градинка во скопското село Трубарево. Минатата недела, поради екстремно топлото време, владата препорача да се избегнуваат градежни работи на отворено во периодот од 11 до 17 часот, но важноста на препораките заврши завчера, а нови не беа донесени.
Срѓан Стојанчов