По успешната светска премиера во март годинава на фестивалот на документарен филм „Kopenhagen Dox“, вечерва во рамки на отворањето на 23-то издание на Меѓународниот фестивал на европски филм „Cinedays“, ќе се одржи македонската премиера на документарниот филм „Ефтеркланг: Македониум бенд“ во режија на Андреас Јохансен.
Се работи за остварување чиј еден од копродуцентите е МКЦ. Филмот зборува за патувањето на данскиот состав Ефтеркланг во Македонија минатата година и избирањето македонски музичари и женскиот хор при МКЦ, за заеднички да снимаат музика која лани на 29 април ја изведоа во живо пред споменикот „Македониум“ во Крушево. Еден од протагонистите во филмот е Грга, музички уредник во МКЦ. Според него, филмот е пример за културна размена на музички план.
„Сѐ е многу природно , многу спонтано. Има многу добра енергија помеѓу музичарите. Мислам дека е еден вистински пример за таа една културна размена“, кажа Владица Младеновски-Грга, уредник на музичката програма во МКЦ.
„Беше предизвик, но лесен предизвик. Зашто сите дојдоа со многу талент и беа отворени. И мислам дека сите ние се насочивме да креираме простор за сите да можат да уживаат, што и да прават. И исто така, имавме кратко време, зашто имавме само пет-шест денови за да го подготвиме заедно настапот, за да свириме пред Македониумот“, рече Расмус Столберг, басист во бендот Ефтеркланг.
По проекцијата во паркот зад МКЦ, „Ефтеркланг: Македониум бенд“ ќе настапи со 45- минутната музика, направена за филмот.
Покрај проекциите во паркот зад МКЦ, на фестивалот што ќе трае до 17 јули ќе има проекции и во кино „Фросина“ и во летното кино на Кинотека на Македонија. Ќе бидат прикажани повеќе од 40 странски и домашни остварувања во стандардните секции. Селектор на натпреварувачката програма и овојпат е Бернд Будер, а во „Гала програмата“ ќе бидат прикажани филмови од истакнати светски имиња како Кроненберг, Вуди Ален, Расулоф, Жанг Жи и од други автори. Се работи за прикажани и наградени филмови годинава во Кан.
„Тоа е неверојатна ексклузива со која што можеме да се пофалиме. Бидејќи филмовите од Кан во мај, во јуни доаѓаат на „Cinedays“. Тоа е благодарение на одличната соработка, што ја имаме со регионалните дистрибутери“, кажа Маргарита Арсова, уредничка на филмската програма во МКЦ.
Во музичката програма на фестивалот ќе настапат македонски и бендови од странство. „Cinedays“ овојпат оди под мотото „Како е? – Викај ура“, што според Арсова се однесува на најнискиот буџет, добиен за ова фестивалско издание во однос на минатите години, во висина од околу 56.000 евра.
Сотир Трајков