Вести Македонија Топ вести

Домашните градежници бараат да ја градат инфраструктурата наместо странски компании

Домашните градежни компании бараат повластен статус од владата заради развој на градежништвото, наместо да се привилегираат странските. Во Здружението за градежништво, индустрија на градежни материјали и неметали при Стопанската комора на Македонија велат дека само 4 проценти од инфраструктурните проекти во Македонија ги градат домашни фирми.

„Крајно време е да прекинеме од секој успех да правиме неуспех, а од секој неуспех на странски компании кои се тука да правиме мит. Не треба да се плашиме да ја поддржиме домашната економија. Ако може една развиена економија како Италија или Турција да дава привилегии на своите компании, да дава повластени услови за работа, можеме и ние еден потенцијал кој го имаме, а кој не е во најголема мера искористен, да му дадеме една предност, да му дадеме една привилегија. Можеби крајно време е да ги смениме страните, ние да ги користиме привилегиите, а проблемите да ги префрлиме на компаниите кои не се од домашно тло за да видиме кој како ќе се снајде. Можеби и тоа е некој тест којшто би го направиле во иднина, но во ниеден случај да не ги користиме домашните компании таму каде што е најлошо и најтешко, туку да ги користиме таму каде што може државата со своите постапки да им обезбеди долгорочен раст и развој“, вели Андреа Серафимовски од Здружението на градежништво.

Се жалат дека домашните компании ги градат само лошите проекти, а убавите ги добиваат странци. Да ни дадат услови како за автопатите кои ги гради Бехтел и Енка и ние ќе ги завршиме работите, велат домашните градежници.

„Потенцијалите се огромни, но неискористени. За тие потенцијали да се претворат во капацитети треба да ѝ се даде работа на домашната оператива за да покаже што знае. Ние имаме примери на наши компании кои реализираат милионски проекти, еве да речеме во Република Српска 350 милиони евра во рок од четири месеци, а тука не можеме да најдеме место во домашната оператива. Секако, доколку истите услови коишто им се даваат на стратешките партнери им се дадат на македонските компании, ние ќе го решиме целиот проблем“, вели Серафимовски.

Домашните градежници се жалат дека на тендерите што ги распишуваат странски финансиски институции, условите за учество се непотребно многу високи, па домашните компании не можат да учествуваат.

Тие бараат на тендерите за инфраструктура да не се бара најевтина понуда, туку да се бара економски најповолна понуда. Поради ниските цени проектите се градат бавно и неквалитетно. Затоа бараат во комисијата за жалби по јавни набавки да има еден независен член од стопанските комори.

Бараат измени во законот за градба за да се отстранат технички пречки, како и недела неработен ден да не важи за градежниот сектор.

Државниот завод за ревизија констатира дека инфраструктурните проекти во земјава се планираат по повеќе од 10 години, се обезбедуваат кредити, па потоа не се гради според планираното, кредитите не се повлекуваат, а се плаќаат провизии за тоа.

Ревизорите анализирале 24 проекти во вредност од скоро 4 милијарди евра. Пет проекти воопшто не биле започнати. За 19 проекти биле потпишани договори во вредност од над 2,7 милијарди евра, а досега биле потрошени над 940 милиони евра. И покрај потрошената скоро една милијарда, само еден од овие проекти е готов.

Срѓан Стојанчов

 

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Нова судска драма за уставната судијка Кацарска: На Судскиот совет предводен од Дамева „му текна“ дека пред две години ја пензионирале како судијка

Дејан Дејан

Дваесет и двајца економски директори со мандат ги одбројуваат последните денови во фотелја – по законските измени, нема да можат да тужат

Desk

Ирена Алексиоска Папестиев нова директорка на ГАК

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе