Uncategorized Вести Свет Топ вести

Дојче Веле: Илјадници случаи на сексуално злоставување на малолетници во Протестантската црква во Германија

Протестантската црква во Германија се соочува со голем скандал во врска со злоставување. И тоа, како што се вели, е „само врв на ледениот брег“.

„Ова е мрачен ден за Протестантската црква во Германија. Денеска сите камбани треба да ѕвонат и знамињата да се спуштат на половина копје“, вели Детлеф Цандер, кој денеска влезе во 60-тата година од животот, а како дете и самиот бил жртва на сексуално злоставување во црковните институции.

За Евангелистичката, односно Протестантската црква ова е ден за морална катастрофа. По деталното истражување на бискупиите и заедниците ширум Германија, стручњаците утврдиле дека бројот на случаи на сексуално злоставување на малолетници кај нив е на исто ниво како и во Римокатоличката црква. Утврдено е дека кај Протестантската црква сè уште нема вистинска желба за соочување со таквите злосторства.

На, речиси, 870 страници во извештајот се наведува дека во изминатите децении имало најмалку 2.225 жртви и 1.259 осомничени сторители.

„Тоа е само врв на ледениот брег“, вели Мартин Вацлавик, професор на Високото училиште за социјална работа во Хановер, кој беше и раководител на истражувањето.

Неговата груба проценка е дека бројот на жртви и на сторители е, веројатно, тројно поголем, односно околу 9.355 малолетни жртви и околу 3.500 виновници. Од утврдените злосторници, добра третина се пастири или други луѓе од Црквата. Кривичните дела се случувале во сите институции на Протестантската Црква – во дестките домови под нејзина управа, како и во институции на ѓаконијата и во парохиите.

Вацлавик не само што набројува злосторства, туку е принуден и со, речиси, тешки зборови да ја критикува комплетната Протестантска црква во Германија. Вели дека во неа постои „институционална бавност и „патологизација на погодените“, дека има „заматувања и префрлување на одговорност“ и оти тоа не е работа на поединци, туку „институционален феномен“ на Евангелистичката црква.

Тој притоа нагласува дека „структурална особина на евангелиците“ е да шират илузија за хармонија, со неспособност да се соочат со кобфликтите“ во „милјето на братството“.

По објавување на неговиот извештај, Протестантската црква во Германија повеќе нема и не смее да остане каква што беше. Долги години беше во сенка на големиот скандал во Католичката црква кој изби во 2010 година, потоа во 2014 година и во 2018 година. Пред крајот на претставување на извештајот беше прозван уште еден висок претставник на Протестантската црква – Хајнрих Бедфорд – Штром кој до 2021 година беше на чело на црковниот Совет. Тој проговори за сексуалното злоставување на малолетници во Евангелистичката црква, но на неколку недели пред завршување на мандатот. Штром допрва треба да објасни како е можно дури тогаш да дознал за злосторствата.

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

ФОТО/ВИДЕО: Превртен автомобил на Партизанска во Скопје

Дејан Дејан

Кој со кого ќе коалицира и кои се црвените линии на албанските партии за учество во новата влада

Дејан Дејан

Ковачевски: Разговараме со партии на повеќе нивоа

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе