Вести Култура

Претставен проектот со кој Македонија годинава учествуваше на Венециското биенале на архитектура

Хронологија од приказни од летната школа за архитектура што се одржуваше од 1992 до 2017 година во манастирот „Св. Јоаким Осоговски“, низ симболичен приказ на стилизирана реконструкција на чардакот на манастирот, го сочинува проектот „Лабораторија од минатото за иднината“, кој годинава ја претставуваше Македонија на 18-то Меѓународно биенале на архитектура во Венеција.

Проектот зад кој стои истражувачкото здружение „Градот убав“ и кој беше единствен пријавен на ланскиот конкурс на Министерството за култура, денеска беше изложен во кабинетот на претседателот Стево Пендаровски. Зад проектот стојат авторите – архитекти: Митко Хаџи Пуља, Александар Радевски, Саша Тасиќ, Димитар Папастеревски и Минас Бакалчев. Куратор е Марија Петрова, а комесар- директорката на Националната галерија на Македонија.

„Изложбената поставка во Венеција се состоеше од една маса, долга 10 метри, две ниши на нејзините краеви и низа записи од искуствата и сеќавањата на учесниците во различни сесии на летната школа“, рече Дита Старова -Ќерими, директорка на Националната галерија на Македонија.

„Спомени, сеќавања, слики, записи, кажувања за еден настан од блиското минато, дадени од учесниците и собрани и прикажани по тој повод“, изјави проф.д-р Минас Бакалчев- коавтор на проектот.

За укажаната подршка на проектот, претседателот Пендаровски доби благодарница и макета од манастирот „Св. Јоаким Осоговски“. Тој порача целото општество да се вклучи во афирмација на  домашната архитектура.

„Морална обврска на секој од нас во рамките на нашите можности , а на секоја институција законска обврска е, согласно надлежностите да работиме на афирмација на македонската архитектура и на македонските автори“, истакна Стево Пендаровски, претседател на Македонија.

Нашиот проект беше меѓу 64 национални учесници на Архитектонското биенале во Венеција. Годинава неговата тема беше „Лабораторија на иднината“, зададена од кураторката Лесли Локо. Биеналето се одржа од 20 мај до 26 ноември.

Сотир Трајков

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

ВИДЕО: Ќе ја вика Македонија, пред табла Северна Македонија, зашто нема Јужна Македонија, Силјановска за уставното име, а Пендаровски вели секој си има свој став, ама во дипломатијата има протестни ноти

Дејан Дејан

Скопјанец паднал во отворена шахта во центарот на главниот град

Дејан Дејан

Силјановска Давкова: Она што се случува денеска е резултат на тоа што ветингот беше само реторика

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе