Вести Најважни Свет

Ракета падна во близина на египетско летувалиште – 20 дена војна Израел – Хамас

Израелските одбранбени сили соопштија дека извршиле втор целен копнен напад во Појасот Газа против оперативци и локации на Хамас.

  • Нападот кај населеното место Шуџаја го изведоа пешадија, борбени инженерски и оклопни сили, а воздушно покривање обезбедија и беспилотни летала и борбени хеликоптери на израелските воздухопловни сили – велат од армијата.

Израелските сили ја напуштија областа по неколку часа, а нема извештаи за повредени, но Хамас тврди дека речиси 50 заложници загинале за време на израелското бомбардирање на Газа.

Во меѓувреме, ракета падна и во близинна на египетското одморалиште Таба на Црвеното Море, кое се наоѓа во близина на границата со Израел. Повредени се шест луѓе, јавуваат египетските медиуми.

Израелската армија соопшти дека знаела за безбедносен инцидент од другата страна на границата со Египет. Засега не е познато дали проектилот е поврзан со конфликтот во Газа.

Без знаење на Израел, САД објавија дека нападнале две локации во источна Сирија, тврдејќи дека биле користени од Иран и групи поврзани со него.

„Прецизните одбранбени удари беа изведени за да се заштити американскиот персонал во Ирак и Сирија и беа одговор на неодамнешните напади на групи поддржани од Иран. Таквите напади против американските сили се неприфатливи. Иран сака да ја сокрие и негира својата улога во тие напади, но нема да му дозволиме“, изјави американскиот министер за одбрана Лојд Остин.

Тој додаде дека овие американски напади, изведени со борбени авиони „Ф-16“, се одвоени и различни од актуелниот конфликт помеѓу Израел и Хамас.

„Израел не беше координиран, ни известен однапред за нападите“, изјави Остин.

Официјални лица кажаа дека биле погодени складишта на оружје и муниција што ги користат иранските сили. Засега е нејасно дали има човечки жртви.

Според Пентагон, во изминатите денови во напади со дронови и проектили на воени бази во Сирија и Ирак бил повреден 21 припадник на американските сили.

На теренот на Газа, Агенцијата на Обединетите нации за помош и работа (UNRWA) соопшти дека околу 629.000 бегалци сега се засолнети во 150 локации на ОН низ Појасот Газа.

Ова значи дека овие засолништа достигнале речиси три пати повеќе од предвидениот капацитет.

„Сегашните услови на пренатрупаност остануваат загрижувачки и претставуваат ризик за здравјето и заштитата“, се вели во неодамнешното ажурирање на агенцијата.

Исто така, се наведува дека три училишта во Газа претрпеле штета од блиските воздушни напади. Едно лице загина, а други 15 се повредени.

Убиен е уште еден член на персоналот на УНРВА, со што бројот на загинати на нивниот персонал е 39 од почетокот на конфликтот.

ОН предупредуваат дека хуманитарната помош едвај пристигнува до засегнатите. Болниците не функционираат, а се преполни со ранети цивили.

За денеска е закажано гласањето во Советот за безбедност на ОН за итен прекин на огнот, откако деновиве се одвиваа жестоки распрвии, по говорите на израелскиот и палестинскиот амбасадор кои на висок тон ги објаснуваа страдањата кои ги преживува секоја страна во оваа тринеделна војна.

А. Ш.

 

 

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Двајца загинати во директен судар на патот Штип-Радовиш

Дејан Дејан

ЗНАМ со повик до гласачите – гласајте масовно и изберете претседател по сопствено убедување

Дејан Дејан

Македонија на 36 место според слободата на медиумите

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе