Вести Култура

Вечерва на фестивалот РУТА во Драмски, словенечка претстава „Нора“ во режија на македонската режисерка Нела Витошевиќ

Во рамките на фестивалот на регионалната унија на театри- РУТА, што се одржува во Драмскиот театар, вечерва се игра претставата „Нора“ на Градскиот театар од Љубљана според истоимениот текст на Хенрик Ибзен. Режијата е на македонската режисерка Нела Витошевиќ.

„„Нора“ е текст кој е логичен избор за мене, затоа што тоа е првиот феминистички текст на Ибзен, а главната хероина е симбол на женскиот отпор и женската слобода, загатнува прашања кои сакам да ги отворам и да ги обработувам“, вели режисерката Витошевиќ.

Драмското творештво на Ибзен, во конкретниов случај „Нора“ и денес е особено актуелено во промислувањето на родовите аспекти во социјален, културолошки и економски контекст. И покрај тоа што мислиме дека сме напреднале во однос на женските прашања, сепак сме се вратиле неколку чекори наназад и затоа без оглед што станува збор за текст од 19-от век, тој е актуелен и денес, смета Витошевиќ.

„Она што нам ни беше важно во претставата е да проговориме за индивидуалната слобода за тоа дека истата не може да се земе здраво за готово и дека во современ контекст е нешто кое треба константно да се освојува и константно да се бориме за неа. Исто така, психолошките процеси кои една индивидуа ги минува за да дојде до таа индивидуална слобода се нешто кое остава голем белег. И нешто што општеството во колективното несвесно го влече понатаму како бреме. Втора многу важна работа е тоа дека и по век и половина ние гледаме дека сè уште жената се стигматизира и дека жената која ги остава децата е секогаш постигматизирана во споредба со мажот, тоа е и аналитички докажано“, изјави Витошевиќ.

За Ајда Смрекар, која ја толкува улогата на Нора, соработката со Витошевиќ на оваа претстава е исклучително важна, сите карактери се филигрански извезени.

„Секогаш е подготвена за различни ставови и тоа е многу важно. Како што велат актерите ако ја почитуваме работата со ваков калибар на соработници, се надевам дека сте свесни каков талент имате тука во Македонија. И се надевам дека повторно можеме да работиме заедно“, истакна Ајда Смрекар, во улогата на Нора.

Во драматуршка смисла текстот е осовременет и виден низ призма на ликот на Нора има делови кои се додадени, но и делови кои се одземени, вели Витошевиќ. Сеќавањето на Нора е мегданот на кој се поставуваат клучните прашања.

„Среќна сум затоа што видов дека различни генерации, не само жени, туку и мажи во Словенија многу добро ја прифатија претставата. Ние тој текст го имавме и во програмата на гимназиите за матура, така што многу млади луѓе ја видоа претставата и беше прекрасно да ги гледате и да ги слушате како им се допаднало тоа, како почнаа да размислуваат во однос на мажите и жените, за тоа што значи семејството, кои се човековите права. Тоа најмногу ме радуваше од се, затоа што животот на таа претстава е полн и богат, има одзив и комуникација со публиката“, изјава Петра Погоревц, драматург.

Гостувањето на Градскиот театар од Љубљана во Драмски театар на фестивалот РУТА е второ по ред во Македонија. Првото гостување беше во рамки на Охридско лето каде што претставата беше одиграна пред преполна сала.

Нина Стефанова

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Со лажни дијаманти измамил српски државјанин и му зел пари

Дејан Дејан

Парламентарни избори 2024 – изборна хроника 27.04.2024

Дејан Дејан

Пендаровски: Истите луѓе кои упаднаа во Собрание, сега бараат власт, нивната кандидатка за претседател најавува нивна амнестија

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе