Вести Култура

Почина Крсте Џидров

По долго боледување, на 73 години, почина Крсте Џидров-Џиби, еден од најистакнатите македонски сценографи. Во текот на кариерата направи над 150 сценографии за театарски претстави, работеше со докажани режисери од земјава и од регионот, а најмногу со Владимир Милчин. Како архитект, Џидров на сценографијата и пристапуваше како кон архитектонска структура, а со колегата Узунов, први го отфрлија сликарските техники и за сценографиите користеа оригинални материјали и предмети.

„Ненадоместлива загуба, го изгубивме добриот дух на македонскиот театар“, вели режисерот Владимир Милчин, по повод смртта на неговиот долгогодишен соработник, истакнатиот сценограф Крсте Џидров-Џиби, кој почина по долго боледување на 73-годишна возраст.

„Оној што го изгубивме, јас би го нарекол добриот дух на македонскиот театар. Тоа не значи дека Џиби работеше само во Македонија, ама мислам дека енергијата, волјата, посветеноста. Просто беше баш подарок за театарот во Македонија. Не му беше ништо тешко, ја шпарташе Македонија, мислам дека нема театар во кој Џиби нема работено и кај што нема оставено некаков прилог, некаков придонес, кој е повеќе од претставата, повеќе од сценографијата, зашто Џиби го сакаше театарот“, вели режисерот Владимир Милчин.

По професија архитект, кој 24 години работеше во „Алумина“, Крсте Џидров кон сценографските задачи пристапуваше како кон архитектонски решенија. Со колегата Симе Узуновски први употребуваа оригинални материјали и предмети, наместо сликарски техники. Од почетокот на 1980- тите години до последниот проект „Аудиција“ во мај годинава , во прилепскиот театар, Џидров креира над 150 театарски сценографии, 10 за филмови, а направи и 70 плакати за претстави.

Реализира повеќе изложби од кои ретроспективната за неговиот 35-годишен творечки пат, беше во МКЦ во 2018 година. Покрај Милчин, со кого ја започнаа соработката во „Голтарите“, па преку театарската работилница на Филозофскиот факултет до ангажманите во институционални и независни проекти, Џиби соработуваше со докажани режисери од земјава, регионот и Европа. Меѓу нив се Примош Беблер, Дино Мустафиќ, Дритро Касапи, Коле Ангеловски, Слободан Унковски и многу други.

Се вгради и во формирањето на Детскиот театарски центар, а за својата работа има добиено повеќе награди, меѓу кои и таа за животно дело од МТФ „Војдан Чернодрински“ пред две години.

Посмртните останки на Крсте Џидров ќе бидат изложени утре од 11 до 12 часот во капелата на гробишната во Бутел, по што ќе следи погребот. A, комеморација ќе се одржи в среда (06.септември) во 11 часот, во Кинотеката на Македонија.

Сотир Трајков

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Земјотрес со јачина од 4,8 степени според Рихтер во Турција

Дејан Дејан

Обезбедувањето на ОН се обиде да го одземе знамето на српската делегација

Дејан Дејан

Колумбија ја затвори амбасадата во Израел и има намера да отвори во Палестина

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе