Вести Култура

Филмските работници незадоволни од конкурсот на Агенцијата за филм за поддршка на проекти во прв рок на одлучување за 2023 година

Не стивнуваат реакциите на социјалните мрежи по објавувањето од Агенцијата за филм на резултатите од конкурсот за поддршка на проекти од првиот рок на одлучување за оваа година. Погрешна и штетна стратегија во прилог на малкумина. Вака филмскиот режисер Вардан Тозија ги коментира одобрените осум копродукции на долгометражни играни филмови во кои Македонија ќе учествува со малцински удел. Според Тозија, копродукциските проекти во кои учествуваме како држава не го афирмираат нашиот идентитет.

„Постојат природни копродукции меѓу земји каде во филмовите се испреплетуваат различните култури, истории, приказни. Многу ме интересира каде се’ се промовира македонскиот идентитет низ финансираниве осум странски филмови. Дали како клучен сегмент при одлучување за доделување пари на овие ко-продукции се разгледува културен или драматуршки контекст? Се сомневам. Се покажало дека е така безброј пати во минатото. Ко-продукциите кај нас генерално служат да се стимулираат домашните продуценти. Во ред. Лесни пари. Ограничена, да не речам никаква одговорност“, напиша филмскиот режисер Вардан Тозија на Фејсбук.

Но, директорот на Агенцијата за филм, Бојан Лазаревски вели дека кога Македонија е вклучена во копродукции, парите остануваат во земјава, односно нашите автори и екипи се исплаќаат од тие средства, а на големи настани се повикуваат и афирмираат.

Реакции има и поради поддршката на само еден долгометражен домашен авторски филм и поради кратењето на буџетот. Револтот кај филмските работници е што немаат што да работат и практично остануваат без егзистенција. Според претседателот на Друштвото на филмски работници, Игор Иванов, годинава било планирано да се снимаат седум од повеќе филмови за кои Агенцијата дала зелено светло. Но, застојот е поради проблеми на продукциите со затворање на финансиските конструкции, неподготвеност на авторските тимови и сл. Поради тоа од Друштвото деновиве ќе одат на нова средба со директорот на Агенцијата за филм.

„На последниот состанок помеѓу секцијата Продукција и надворешните продуценти, значи оние кои не се членови на Друштвото на филмски работници, со директорот на Агенцијата за филм, од негова страна ни беше соопштено дека не постои проблем со планот за готовината. Значи оние филмови кои беа најавени можат да бидат опслужени од страна на Агенцијата . Што значи дека проблемот е во самите продукции и од тие причини ние како Друштво инициравме средба“, изјави Игор Иванов, претседател на Друштвото на филмски работници.

Филмот на режисерката Теона Стругар Митевска „Мајка- можната приказна за мајка Тереза“, е единствениот долгометражен домашен игран филм, поддржан од Агенцијата за филм во првиот рок на одлучување за годинава, со околу 600.000 евра. А меѓу осумте одобрени копродукции, со учество на Македонија, најмногу пари – 55.000 евра, доби филмот „Бело се пере на 90 степени“, на словенечкиот режисер Марко Набершник.

Сотир Трајков

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

ВИДЕО: Невреме во Струга

Дејан Дејан

Обид за физички напад врз претседателката на Уставниот Суд

Дејан Дејан

Крени глас: Со позитивна енергија против врсничкото насилство

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе