Вести Македонија Најважни

Ивановска контра Груби: Кога сѐ е наопаку, дното е на површина

„Кога сѐ е наопаку, дното е на површина“. Вака првата антикорупционерка му врати на првиот вицепремиер, кој ја обвини неа и нејзините колеги од комисијата дека „не ги бива, немаат ниту еден успешен случај, немаат капацитет“.

-Во право сте г. Груби, Антикорупциска нема капацитет да се вози во службени возила 24/7 и за приватни цели, да злоупотребува државни простории, да користи репрезентација и службени платежни картички, ниту да се расфрла со буџетски пари, но бидете уверени дека има капацитет да се избори со вашите оркестрирани напади, одговараат од ДКСК.

Квалификациите за капацитетот на Комисијата од страна на висок владин функционер за кој има отворено предмет, за антикорупционерите не е ништо друго туку притисок врз нив и оркестриран обид за дефокусирање на јавноста, кога ќе се земат предвид и обвинувањата од кабинетот на вицепремиерката Грковска, дека изнеле паушални и неосновани обвинувања во предметот за струшкиот градоначалник Рамиз Мерко, како и  барањето на вицепремиерот Маричиќ претседателката Ивановска да не ја известува Европската комисија за поднесената тужба за клевета од страна на директорот за млади и спорт, Наумче Мојсовски.

Антикорупциската отвори неколку случаи поврзани со ДУИ: против Мерко за купените автомобили од блокирана сметка на општина Струга пред повеќе од три години, по што се откри и дека Судскиот совет го застарел предметот по нивна претставка за судија и претседател на судот во Струга кои овозможиле, наместо да ги враќа општинските долгови, градоначалникот да си купи луксузен службен автомобил.

Реагираа и за партиска употреба на службените коли на МНР од министерот Бујар Османи а го открија и случајот со правосудниот испит на синот на Талат Џафери. Но, никој не презеде никакви активности за откритијата.

Во меѓувреме, во просториите што требаше да ги добијат, се всели токму Груби, а никогаш не ги добија ниту побараното кадровско зајакнување и софтверско поврзување.

Телма побара статистички податоци од Јавното обвинителство, поврзани со ефикасноста на Антикорупциската комисија и ни беше одговорено дека, во 2022 година доставиле вкупно 12 иницијативи за кривично гонење, додека од почетокот на годинава до сега, се покренати уште осум иницијативи. По дел од нив, велат дека имаат оформено нови, а дел се приклучени кон постоечки предмети. По сите се постапува во надлежните обвинителства. За случајот со Мерко, се при крај со проверката дали некој му прогледувал низ прсти.

Поради обемноста на преземените дејствија и сложеноста, дел од предметите се` уште детално се проучуваат и се анализираат. По завршувањето на проверките, Комисијата ќе изготви извештај со насоки за постапувањето во конкретните предмети, велат од Јавно обвинителство.

За Мерко има шест активни предмети во кои има кривични пријави. Станува збор за случаи со злоупотреба на службената положба и овластувања, кои биле оформени по кривични пријави од здруженија на граѓани, адвокати и Управата за финансиска полиција. Најстариот датира од 2015 година.

Далиборка Демјанска Цветановска

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Трамп: Иран е значително ослабен, но и натаму е сериозен противник

Sasko Dimovski

Голем шумски пожар во Франција – eвакуирани над 20.000 луѓе

Sasko Dimovski

САД воведоа нови царини за 60 трговски партнери

Sasko Dimovski

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе