Култура

Трајче Кацаров: Димче Мешковски здраво говореше за своите болести

По повод смртта на актерот и доајен на Драмскиот театар, Димче Мешковски, сеќавања за средбите и соработката со него сподели писателот Траjче Кацаров. Текстот ви го пренесуваме во целост.

Се сретнавме на брегот на Охридското езеро, средината на Август, на неколку дена пред да се прогласи победникот  на Охридскиот маратон. Тогаш за прв пат летував во Трпеица, поточно на нејзиното крајбрежје. На првиот ден од седумдневниот одмор , на плажата се појавив со гитара во рацете. По ден два, на истата таа, од неколку чекори плажа, се појавив со шал околу вратот. Тоа го забележа комичарот Димче Мешковски, кој на крјбрежјето на Трпеица пуштил  длабоки корени. Ми пријде. Не дочекав да ме праша-што ми значи оглавот околу вратот?  „Не ми е од ладната ракија, туку од ладното мезе.“- му реков.   „Штом  те слушнав како пееш, веднаш сфатив дека имаш проблем со грлото.“ – додаде.  „Роден сум со слаба музичка памет“ – признав. „Јас имам грло алтан. Никогаш не ми требало микрофон. Во театарот ме слушаат и оние што се надвор од салата.Можев да бидам и оперски пеач. Се вкотвив во театарот.“ – се исповеда. Ден за ден, додека траеше одморот,  говоревме за театарот , за неговата актерска кариера.

На стотина –двеста метри од плажата, од езерските води се издигаше карпа.  Капачите, оние со подобра кондиција, секојдневно пливаа до карпата и назад до брегот. Некои по десетина и повеќе пати ја препливуваа патеката . Кога излегов на брегот со душата во носот од пливањето до карпата и назад, Мешко , низ насмевка ми забележа: „Здрав, прав, а не можеш стотина метри да испливаш. Јас, со болен кук, ја пливам патеката неколку пати.“ Така започнаа разговорите за болестите.

Моето излежување, да не речам сомување,  на Охридскиот брег,  заврши порано од неговото. На испраќање ми даде на знаење дека  сме се запознале во годината кога одбележува 30 години актерска кариера. Се договоривме заеднички да обработиме за јубилејот. Јас да бидам автор и режисер на монодрамата , а тој актер. Така настана претставата за еден актер , со наслов ПОД БЕСИЛКАТА. Мешко беше бриљантен во улогата на  човекот кој под ѕидините на затворот раскажуваше за своите животни приклученија. Претставата беше работена во духот на  оние  кои почнуваат со песна, а завршуваат со пукање на крајот.  Еден од театарските критичари напиша :„ Ако во манџата ги ставиш сите мирудии, не значи дека таа ќе биде вкусна.“ Го напиша тоа и згреши, бидејќи претставата беше замислена како полигон каде Мешко требаше да ги покаже сите актерски вештини со кои располага. И ги покажа. Музиката на стиховите ја напиша Трајче Манев.  На Мешковата интерпретација можеше да му позавиди и Хосе Карерас. Премиерно претставата ја изведовме на Скопско лето, во прекрасниот амбиент на Сули Ан.  Публиката го поздрави со овации својот миленик – великиот комичар, оној кој заедно со неколкумината свои колеги, преку радио емисијата Хихирику, ја правеше секоја недела дупло празнична. По Скопското лето и ФКТ „Ристо Шишков“,  двоколката на Теспис, алиас Димче Мешковски, продолжи низ повеќе театарски сцени во Македонија. Мешко беше познат актер. Публиката секогаш беше на неговата страна.

Со годините, со неговото заминување за Америка,  нашата заедничка работа, нашата дружба ги препуштивме на меморијата. Го помнам Мешко по многуте успешни рољи, како во театарот, така на радиото, на  теливизијата, на  филмот,  но не помалку го помнам по здравото говорење за болестите кои во него се котеа  како пилци во инкубатор.

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Борба на највозвишеното и најниското во човекот, на отворањето на „Мајските оперски вечери“

Дејан Дејан

Диана Добрева: Културата е патот преку кој Бугарија и Македонија можат да се сплотат

Дејан Дејан

Бојаџиевска: Дубравка Угрешиќ не можеше да ја поднесе бруталната комерцијализација на уметноста

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе