Енди Мари ја забележа првата победа над тенисер од топ 20 на гренд слем турнирите од 2017 година. Шкотланѓанецот по, речиси, пет часа игра и спасена меч топка го совлада 14-от носител, Италијанецот Матео Беретини со 6:3, 6:3, 4:6, 6:7, 7:6 и се пласира во второто коло на Австралија опен.
Мари, кој има метален колк, издржа сè во Мелбурн. Желбата да покаже дека сè уште може да игра тенис на врвно ниво беше посилна и од пеколното сонце во Мелбурн. Не се откажа во ниту еден момент против италијанскиот ривал, покажа како се борат големите шампиони, но демонстрира и силна љубов кон спортот.
Негов нареден противник на Австралија опен ќе биде подобриот од дуелот меѓу Фабио Фоњини и домашниот тенисер, Танаси Кокинакис.
