Незадоволство по поразот од Аргентина испорача и селекторот на македонската машка ракометна репрезентација, Кире Лазаров. Очекувањата беа големи, па и разочарувањето е такво, вели кормиларот на националниот тим. Упати извинување до „Фалангата“ која мина стотици километри за да ги бодри ракометарите во Краков, а на јавноста ѝ порача оти, се чини, дека треба да се почне од почеток.
„Не сум задоволен од нашите изданија. Можеби сме послаби од трите противници, но не сме послаби за десет гола. Прифаќам одговорност. Не знам што се случи со ракометарите. Направивме многу жртва да стигнеме овде. Имаме многу дебитанти кои не го издржаа притисокот. Сигурно и јас погрешив некаде, никој не е безгрешен. Се надевам дека еден ден ќе го дигнеме нивото, верувам веќе на следното Европско првенство“, изјави Лазаров по мечот со Аргентина.
Македонија заврши со три порази во групата Ф на Светското ракометно првенство на кое ко-домаќини се Полска и Шведска. Норвешка славеше во првото коло со 39:27, Холандија во второто со 34:24 и Аргентина во третото со 35:26.
Националниот тим се сели од Краков во Плоцк и ќе разигрува за пласман од 25-то до 32-то место на мундијалот. Прв нареден ривал на македонските ракометари ќе биде Алжир на 19 јануари од 15:30 часот.
