Се зголемува бројот на уапсени луѓе во Турција, поврзани со вчерашниот страотен терористички напад во Истанбул во кој беа убиени 6 луѓе.
Во експлозијата на бомба, на една од најфреквентните улици во градот, Иштиклал, која води до плоштадот Таксим, повредени биле уште 80-тина луѓе од кои 50 биле пуштени на домашно лекување.
Пет луѓе се на интензивна нега, од кои две се во животна опасност.
Турските медиуми објавија дека во терористичкиот напад биле убиени и еден вработен во министерството за семејство и социјални услуги, 34 годишниот Јусуф Мејдан и неговата три годишна ќерка Еџрин. Во нападот била ранета и сопругата на Јусуф и мајката на Еџрин, Мевлудија Мејдан која била само полесно ранета.
Досега 46 лица се приведени во полициска истрага, потврди турскиот министер за внатрешни работи, Сулејман Сојлу, додавајќи дека меѓу нив е и жената Ахлам Албашир, по потекло од Сирија, осомничена дека ја поставила бомбата во Истанбул.
Според официјална Анкара, таа била обучена, тренирана и испратена во Турција од страна на курдските милитанти во Сирија.
Терористичкиот напад во Истанбул повторно ги посочи и сериозните несогласувања кои постојат меѓу Анкара и Вашингтон, кои иако се сојузници во НАТО, зачестено се на спротивставени позиции за повеќе теми од регионалната или меѓународната политика.
Министерот за внатрешни работи на Турција жестоко ги критикуваше земјите кои не ги екстрадираат лицата кои Турција ги смета за терористи, а тука особено ја посочи улогата на Соединетите американски држави.
„Оние кои ни глумат пријатели, кои ги кријат терористите во своите држави, или им дозволуваат да живеат во областите коиг и окупираат, таму каде што владеат. Неискреноста на нашите т.н сојузници, кои и официјално им испраќаат пари преку нивните сенати, е очигледна. Според информациите до кои стигнавме, одговорноста е на терористичките организации Курдска работничка партија и Демократска унија.“ – изјави турскиот министер за внатрешни работи, Сулејман Сојлу.
Турција се уште нема дадено зелено светло ниту за приемот на Шведска и Финска во членство во НАТО, токму заради инсистирањето на властите во Анкара, да им бидат предадени лицата поврзани со тероризам, кои според турските власти во голем дел се поврзани со курдските групи.
Односите меѓу САД, Турција и повеќе курдски групи во регионот, особено ги компликуваше и војната во Сирија. Иако на пример курдската работничка партија е терористичка организација и за САД и за Турција, по избувнувањето на војната во Сирија, курдските воени батаљони во оваа држава ја предводеа борбата против режимот на Асад во Сирија, но и против припадниците на Исламската држава, за што беа и воено помагани од Вашингтон и западот.
Курдите можеби се надеваа дека со борбата против Исламската држава ќе го засилат повеќедецениското барање за формирање својата држава, но по поразот на исламистите повторно се разгореа старите непријателства.
Никола Илиевски


