Вести Македонија Најважни

Облаците на непотизмот и партиите надвиснаа и над контролорите за летање

Веќе една недела требаше да бидат во Данска, во реномиран тренинг центар да го проучуваат небото и движењето на авионите, да си ги вежбаат рефлексите и брзото размислување, да носат брзи и исправни одлуки во секакви опасни ситуации. Наместо тоа, можат само да видат дали има облаци на македонското небо, додека чекаат тројцата членови на управниот одбор на контролата на летање М-НАВ, да им одобрат да заминат. Се вмеша ли непотизмот и политиката и во една од најчувствителните професии? Од синдикатот и комисијата за надзор велат – да. 12 лица, инструктори, раководители и експерти синоќа поднеле оставки на местата за надзор на процесот, бидејќи не сакаат да учествуваат во уривање на успешниот оглас, на кој биле избрани најдобрите 8 кандидати за обука во Данска. Се сомневаат дека, директорите се обидуваат да го поништат огласот, затоа што меѓу избраните кандидати не се нивните деца и децата на партиски функционери.

На конкурсот се јавиле 270 кандидати, а првото ниво на тестот на данската компанија го поминале 140. Но, директорите побарале листата да се прошири со уште 26 кандидати, а според синдикатот, на таа дополнителна листа биле имињата на нивни деца, како и на деца на политичари и на партиски функционери, кои не го поминале ни првото ниво. Ова било збунувачко за Данците, но сепак се согласиле. Ниту еден од оваа листа не ги поминал тестовите кои следеле. Во бројката од 8 избрани лица, тројца се Албанци кои тестот го минале со највисоки оценки, но не се функционерски деца. По ова, директорите ја побарале целата документација од реномираниот дански тренинг-центар „Гејт авиејшн тренинг“, со отчет, зошто се одбиени 262 кандидати: зошто не поминале, со колку бодови паднале, но и податоци за осумтемина со највисоки оценки – зошто баш тие се избрани? Од синдикатот се сомневаат дека, целта на директорите Фахрудин Хамиди, Миѓан Селмани и Влатко Крстевски, е да поминат 90 дена и да се поништи конкурсот.  Со тоа, велат, ќе се наруши угледот на државата, ќе се изгуби довербата во процесот, а ќе ја чини државата и многу пари. Целиот случај прераснува и во безбедносно прашање, затоа што раководството на МНАВ ја одложува обновата со нов кадар.

Избраните требало во март веќе да бидат вратени тука, да го проучуваат небото, условите, да продолжат со обуки, да вршат тест-проби и кога ќе поминат сè, да стапат на работа под надзор на одговорен инструктор, што е околу три години обука.

Од владата излегоа со став дека, „постапката за избор на кандидати за обуки на контролори е се` уште во тек, а согласно меѓународните стандарди, М-НАВ се обврзани во своето работење да ги следат строгите правила на Еуроконтрол и на меѓународниот систем за управување со воздушен сообраќај„.

Истиот дански оператор веќе има исшколувано една генерација македонски обласни контролори на летање. Селекцијата се врши преку унифициран систем на „Еуроконтрол“, т.н. ФИСТ (FEAST) тестови. Тестирањето е на специјална веб-страница, пред компјутер, под контрола  на данските експерти (преку веб камери) и преку присутни членови на комисијата од М-НАВ.

Далиборка Демјанска Цветановска

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Гори Канада – над 800 активни пожари, најголем дел се надвор од контрола

Sasko Dimovski

Кос со осуда на изјавата на српската министерка Пауновиќ дека етнички би го исчистила Косово во 1998 година да била на местото на Милошевиќ

Sasko Dimovski

(Видео) Улици претворени во реки – силно невреме вечерва ја зафати Битола

Sasko Dimovski

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе