Мистериозниот нов шеф на обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција, за кого вчера не можеше да се најде ниту фотографија на интернет, излезе од анонимност и пред камерите се заблагодари на изборот. Иако е родум од Зајас, родното место на лидерот на ДУИ,тврди дека Ахмети го знае само од видување, дека не се во побратимска релација, како што се шпекулира и дека интегративците не стојат зад неговиот избор.
Абази не одговори децидно дали некогаш размислувал или анализирал зошто и по 20-годишно владеење, сè уште нема ниту постапка ни обвинение за корупција за висок функционер на ДУИ.
На прашањето како, иако претходно не се појави на единственото соочување на 4-цата кандидати кои се бореа за местото, не презентираше проекти, ниту пак водеше кампања, победи на изборот со 66 гласови од вкупно 163 обвинители кои можеа да гласаат, одговори дека цело време на своите колеги им ги изнесувал визијата, програмата и проектите.Кусо одговараше за својата биографија, велејќи дека работел во разни работни групи за донесување на закони.Прашан да наброи предмети на кои работи, одговори со:”Обратете се во гостиварското обвинителство„.
Најави дека приоритет за него ќе биде да се пополнат празните обвинителски места, како и тие на истражителите.
Инаку, и сопругата на Абази е во правосудството, на Академијата за судии и јавни обвинители и се очекува наскоро да конкурира за обвинителка или за судија во прв степен.За обвинителот не би било спорно да биде избрана во кое било обвинителство, освен во тоа што ќе го води тој.
Далиборка Демјанска Цветановска
