Косовското обвинителство соопшти дека три медицински сестри се уапсени откако вчера беше објавена видео-снимка на која се гледа како се малтретира една старица во старечки дом во градот Пеќ.
На шокантната снимка се гледа како една од сестрите ја држи старицата за раце и ѝ удира неколку шлаканици, а потоа и ја клоца во стомакот, додека други две се смеат, а уште една ја снима целата случка.
Сестрата која ја претепува старицата, идентификувана како Аурора Пељај, жителка на село во билизина на Пеќ, се слуша и како вели смеејќи се: „Не е ова ништо, како знам јас да удирам“.
Снимката предизвика бројни реакции во косовската јавност, а меѓу оние кои ја осудија случката се и претседателката на државата, Вјоса Османи, премиерот Албин Курти и многу други личности од јавниот и политичкиот живот на Косово.
Во медиумите се огласи и таткото на Пељај, кој побара извинување од семејството на жртвата, за која е објавено дека страда од алцхајмерова болест, а е мајка на припадник на Ослободителната војска на Косово (ОВК), загинат во војната во Косово во 1999 година.
– Знам дека поминувате тешки моменти, но дозволете нѝ да ви побараме јавно извинување од мое име и од името на семејството Пељај, вам семејство Нура и на целиот албански народ. Ние сме ви цел живот морални и душевни должници за душевната болка што ви ја предизвика нашата ќерка. Исто така, бараме од органите на редот да постапат според законите на Република Косово за делата за кои таа се товари, изјави таткото на Аурора, Наим Пељај.
Настанот се случи во приватната институција за згрижување стари лица, „Оренда“, за која во јавноста се бара од надлежните да ѝ се одземе лиценцата.
Вознемирувачко видео: Медицинска сестра тепа постара жена во дом за стари лица во Пеќ