Вести Македонија Најважни

Признавање на македонското малцинство во Бугарија, крајна цел на основачите на клубот „Никола Вапцаров“

Признавање на македонското малцинство е крајната цел на основачите на културниот клуб во Благоевград, „Никола Вапцаров“.Овој клуб, велат, е првата основа, а се очекува втората да ја постават лицата од Македонија кои се самоопределуваат како Бугари и тоа да биде мост за пријателство.

Недостига хармонично решение на малцинското прашање. Бугарите во Македонија, по инсистирање на бугарската држава  одат кон признавање, додека тука нашата држава сѐ уште зборува дека ние сме нелегитимни, дека Македонци не постојат, кое ние го оспоруваме, со сопственото самоопределување. Нашата крајна цел е да бидеме признаени како малцинство, да постоиме и да го добиеме тоа што ни следува според бугарскиот Устав. А бугарскиот Устав ни дозволува да се самоопределиме, ни доволува да ги имаме нашите етнички права и да имаме наш културен живот како етнос, изјави Атанас Мазнев, еден од основачите на клубот во Благоевград.

Мазнев рече дека клубот се отвора со поддршка на сите кои се самоопределуваат како Македонци од Пиринска Македонија, а рече дека има и такви кои дошле од Софија и други бугарски градови. Бугарските новинари го затрупаа со прашања, а тој одговараше дека, Вапцаров не е спорна личност, потекнува од македонската земја, пишувал за Македонија  и во извесна смисла и загинал за неа, иако се смета и за бугарски поет. Организаторите потсетија и дека, Бугарија е 15 пати осудувана од Европскиот суд за човекови права во Стразбур за забраната за здружување на Македонците и кажаа дека тие само сакаат да бидат рамноправни со останатите граѓани и да можат да кажат дека се Македонци без да бидат навредувани за тоа.

Роднините на Вапцаров, кои се родени и живеат во Бугарија, инсистираат на тоа дека тој е Бугарин. Од ОМО Илинден-Пирин, пак, велат дека ова нивно тврдење има заднина.

Никола Вапцаров е чист Бугарин. И сето ова е шпекулација. За мене, ако си живееме тука блиску, ако си правиме трговија меѓу границата, ако си пиеме убавата наша ракија, нема поубаво од тоа. А Вапцаров е роден во 1909 година, во време на Турската империја, тука било турско, се ослободиле во 1912 година, така што нема зошто да го влечеме тој јазик, нели, тоа прашање. Тоа за мене е сосема јасно.Освен тоа, татко му бил еден од најпознатите комити тука, работел со Јаворов, изјави потомок на Вапцаров.

На отворањето присуствуваа и претседателите на опозициските партии ВМРО ДПМНЕ и Левица, кои изјавија дека не се таму за да  прават тензии, туку за да дадат поддршка на Македонците во Бугарија.

На отворањето на клубот, дојде и архимандритот Никодим Царкњас.

Од македонската влада во Благоевград не замина никој, а не беше испратен ниту претставник. За разлика од нив, Претседателот на државата, Ставо Пендаровски,  го испрати својот шеф на кабинет, кој беше посебно интересен за бугарските медиуми.

Делегации во Благоевград имаа и граѓанските здруженија „За наше Куманово” од Куманово и „За нашите граѓани” од Прилеп. Информацијата ја објави кумановскиот градоначалник, Максим Димитриевски, кој  испрати и честитка за отворањето на клубот.

Македонскиот поет Раде Силјан најавил дека ќе подари 300 тома литература за клубот.

Далиборка Демјанска Цветановска

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Албанија на второто место во светот по баратели на азил до 18 години на 10.000 жители

Дејан Дејан

Врховниот судија Наќе Георгиев уапсен за вмешаност во поткуп од 10.000 евра во врска со случајот на поранешниот градоначалник на Ново Село кој беше фатен во шверц на марихуана

Дејан Дејан

Седница на Судски совет на полноќ – ќе се одлучува за имунитетот на судијата Наќе Георгиев

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе