Вести Македонија Најважни

Од куќата во Солун до референдумот за независност – Македонија го слави денот на револуционерната борба

На 23 октомври, пред 129 години, во далечната 1893 година, во куќа во Солун ќе се одржи состанок кој целосно ќе го измени текот на историјата на овие простори и ќе влијае врз формирањето на народно и национално движење кое ќе резултира со формирање на независна држава речиси еден век подоцна во 1991 година.

Во домот на книжарот Иван Хаџи Николов ќе дојдат докторот Христо Татарчев и учителите Христо Батанџиев, Петар Поп Арсов, Андон Димитров и Дамјан Груев, кои таа вечер ќе ја формираат Македонската револуционерна организација (МРО) и ќе го усвојат планот за дејствување за извојување на политичка автономија на Македонија. Неколку месеци подоцна ќе се усвои и Уставот на Организацијата, а потоа ќе се формира Централниот Комитет чиј прв претседател ќе биде докторот Татарчев.

Во 1894 година на МРО ќе се приклучат Гоце Делчев и Ѓорче Петров со што организацијата ќе добие уште два брилијанти ума кои ќе ја рашират мрежата на ограноци и начините на дејствување. Револуционерната организација на Конгресите кои следат ќе го смени и начинот на дејствување но и името во ТМОРО – Тајна македонско одринска револуционерна организација и на крајот во ВМОРО – Внатрешно македонско – одринска револуционера организација.

Периодот до Втората светска војна е исполнет со превирања и борба за превласт во Организацијата и во патриотските здруженија и организации кои ќе резултираат со крвава братоубиствена војна со заседи и атентати. Сонот на основачите ќе се исполни на 8 септември 1991 година, кога Македонија и официјално ќе прогласи независност и ќе стане автономна држава.

Државно политичкиот врв со честитки до граѓаните по повод Денот на македонската револуционерна борба.

Претседателот Стево Пендаровски во својата честитка нагласи дека нашата генерација минува низ период на длабоки глобални предизвици со кои може да се справиме преку помирување и сплотување и градење на државата во земја во која ќе владее правото, а младите достоинствено ќе живеат.

Премиерот Ковачевски, пак, порача дека храбоста и одлучноста на револуционерите е мотив денес гордо, достоинствено и обединето да се остваруваат државните цели.

Лидерот на опозицијата, Христијан Мицкоски во честитката до граѓаните истакна дека борбата за Македонија сè уште трае.

Ако до пред некој година овој празник власта го славеше со помпи и фанфари, денеска се прослави повеќе од скромно со делегација предводена од заменик министер кој без да даде изјава положи цвеќе на споменикот на Гоце Делчев, но не и на споменикот на основачите на МРО.

Огнен Чанчаревиќ

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Гори Канада – над 800 активни пожари, најголем дел се надвор од контрола

Sasko Dimovski

Кос со осуда на изјавата на српската министерка Пауновиќ дека етнички би го исчистила Косово во 1998 година да била на местото на Милошевиќ

Sasko Dimovski

(Видео) Улици претворени во реки – силно невреме вечерва ја зафати Битола

Sasko Dimovski

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе