Најмалку три компании во трката за набавка на гас. Телма неофицијално дознава дека на адреса на државните електрани понуди се очекуваат од две странски фирми, едната од Бугарија, од компанијата Пегео со седиште во Швајцарија, и една понуда од домашната Макпетрол.
Од ЕСМ ниту ги потврдуваат, ниту ги демантираат овие информации. Само велат дека откако ќе се комплетираат сите понуди кои ќе пристигнат и кога истите ќе се разгледаат, ќе соопштат во јавноста колку фирми пројавиле интерес. Велат дека можно е понуди да достават и повеќе од три компании. Денеска е крајниот рок за прибирање на документацијата. Доколку некоја од понудите е прифатлива за ЕСМ, договорот со фирмата за набавка на гас би се потпишал во текот на следната недела.
ЕСМ бара нешто над 250 милиони кубни метри гас за двете топлани Исток и Запад, но и за да се стави во функција и ТЕТО.
Во меѓувреме, се трошат последните количини на гас кои беа набавени пред почетокот на грејната сезона, а се доволни до крајот на месецов. Доколку, пак, не се склучи договор за овој енергенс, од ЕСМ тврдат дека се прават сите подготовки топланите да може веднаш да почнат да работат и на дизел, кој би се набавил на јавен повик или, пак, во краен случај би се активирале државните резерви.
Сепак, од ЕСМ уверуваат дека скопјани не треба да стравуваат, околу 60.000 домаќинства ќе имаат парно во текот на целата грејна сезона.
Ирена Чачкова
