Студени или млаки радијатори. Ваква беше сликата утрово , на првиот ден од стартот на грејната сезона во многу домаќинства низ Скопје. Директорот на А.Д. ЕСМ кажа дека грееле од 05 и 50 до 09 и 15 часот, а кога температурата достигнала 12 степени ги исклучиле котлите во Топланите Исток и Запад. Во тој период биле испорачани 997 мегават часови топлинска енергија. Според Ковачевски , граѓаните а не ЕСМ се одговорни за недостатокот на топлинска енергија во 85 станбени домаќинства во Скопје кои утрово биле без парно. Тој кажа дека во средата при подготовките за старт на грејната сезона констатирале дека дури 180 згради не биле подготвени за прием на топлинска енергија.
Можеби самата станбена заедница не била доволно подготвена да ја прими топлинската енергија. Во делот на топлинските пумпи, во делот на подстаниците, во делот на електричната енергија и во делот на поправка на системот. Ако во радијаторите постоел воздух кој требало да се испушти, не може топлината да го истисне воздухот. Значи самите заедници, самите граѓани мора да се подготват за да ја примаат топлинската енергија, изјави Васко Ковачевски- генерален директор на А.Д. ЕСМ.
До крајот на октомври греењето ќе биде со природен гас набавен од Макпетрол. А, владата има два плана за од следниот месец. Првиот е, согласно падот на цените на гасот на светските берзи, се преговара со странски компании за набавка на кратки интервали. А вториот план е топланите да работат на дизел.
Доколку го нема природниот гас овие топлани Исток и Запад ги подготвуваме да можат да работат на дизел горива. Претходно работеле на мазут кој е енергенс што повеќе загадува. Токму затоа се набавува опрема , посебно пумпите кои се потребни да се инсталираат, додава Ковачевски.
Во меѓувреме, од понатамошното функционирање на ТЕ-ТО, ќе се знае дали може да се смета и на топлинската енергија од оваа приватна гасна централа или ќе се продолжи со производство од топланите Исток и Запад. Околу неизвесноста дали Топланата Скопје Север која е под надлежност на Топлификација што отиде во стечај, ќе испорачува топлинска енергија во следниот период на над 500 домакинства, директорот на ЕСМ кажа дека им должат пари.
Уште од минатата година до денес не се завршени ниту деловно- техничките работи, ниту правни работи, ниту имаат направено обид од нивна страна да ги вратат тие сретства на А.Д. ЕСМ. Додека не се направат обиди обиди од нивна страна да се стават работите во нормала од претходната грејна сезона ние не можеме да продолжиме за оваа грејна сезона, вели генералниот директор на А.Д. ЕСМ.
Што се однесува до производството на електрична енергија , Ковачевски информираше дека од денеска , покрај Блокот 2, во функција е и Блокот 1 во РЕК-Битола, кој беше на ремонт во изминативе 23 дена. Во функција е и термоелектраната Осломеј која сепак кратко ќе запре со работа поради сервис, но ќе се врати од ноември. А, работи и ТЕЦ-Неготино со два котли, кој во системот испорачува максимален капацитет од 180 мегавати сила. Се штеди и на употребата на хидропотенцијалот.
Сотир Трајков
