Четириесет и седум годишен жител на Охрид е напаѓачот на бугарскиот клуб „Цар Борис“ во Охрид. Полицијата го идентификувала, но пред да го повика на разговор, тој сам дошол во полициска станица и признал вина, велат извори од истрагата за Телма, според кои таблата на клубот ја искршил со земјоделска алатка, најверојатно мотика. За делото оштетување туѓи предмети, Обвинителството не гони, туку Здружението треба да го тужи охриѓанецот.
На 12.10.2022 година во СВР Охрид извршен е разговор со Г.И. (47) од Охрид, при што е констатирано е дека тој е сторител на кривичното дело „оштетување“, извршено на рекламна табла со натпис „Цар Борис III“. Во врска со делото, предвидено во член 243 од Кривичниот законик, а во консулатација со Јавен обвинител, СВР Охрид до Здружението ќе испрати известување, имајќи предвид дека согласно чл. 243, ст. 3, гонењето за делото се презема по приватна тужба.
Член 243 Оштетување туѓи предмети
(1) Тој што ќе оштети, уништи или стори неупотреблив туѓ предмет, ќе се казни со парична казна или со затвор до три години.
(2) Ако штетата е од значителна вредност или предметите се добра под привремена заштита или културно наследство, сторителот ќе се казнисо затвор од шест месеци до пет години.
(3) Гонењето за делото од став 1 се презема по приватна тужба.
Бугарската Фондација Македонија уште утрово на Фејсбук објави слика на напаѓачот за кого напишаа дека очекуваат да биде уапсен и кривично да одговара. Истата фондација, пак, објави и документ од Централен регистар според кој здружението „Цар Фердинанд“ е задолжено да добие согласност од новоформираното советодавно тело за употреба на имиња на историски и други познати личности. Ова според нив е цензура од владата.
Од ад-хок телото за Телма потврдија дека сé уште не добиле иницијатива да се состанат и да одлучуваат за името на ова здружение, но според објавениот документ од Централен Регистар, подносителите имаат рок од 30 дена да го сторат тоа.
Ад-хок телото е привремено решение додека да се донесе закон со кој ќе се затвори правната празнина за имињата на здруженија и фондации низ која сега се протнаа контроверзнни личности. Во игра се два предлога едниот на власта кој сè уште е во рана фаза на работни групи и на ВМРО-ДПМНЕ кој е поднесен во Собранието. Од пратеничката група на СДСМ за Телма велат дека големи се шансите да го подржат предлогот на опозицијата. Дали тоа ќе се реализира ќе се знае уште на седницата што е закажана во понедленик.
Елена Ивановска Мукоска