Прославата на 21-та годишнина од потпишувањето на Охридскиот договор е збогатена со потпишување на еден поинаков договор – за државна помош во изградбата на фабрика за електрични автомобили. Претставниците на Владата, на германскиот инвеститор Некст Е-го Мобиле и на домашниот Еколог, објавија дека како дел од подобрената инвестициска клима, во ТИРЗ Тетово ќе се произведуваат цели автомобили, погодни и економични за урбани средини.
Извршниот директор Али Везваи потекнува од овие простори. Овој ден го смета за историски ден за иднината.
Пред 15 години ја напуштив земјата во потрага по подобра иднина и сега се враќам да оставам нешто за идните генерации. Со оваа микрофабрика Северна Македонија станува една од ретките држави во кои целосно ќе се произведуваат електрични автомобили, изјави извршниот директор на Е-го Али Везваи.
За жал, никој од присутните не се нафати да ги одговори прашањата кои фрлаат сенка на прославата: зошто и овој пат организацијата и буџетските пари одат кај компанијата финансиер на ДУИ – Арбериа Дизајн.
Според документите од Бирото за јавни набавки, за овогодишното одбележување на 13-ти август, Министерството за политички систем издвојува 100 илјади евра. Само за концептот на прославата, Арбериа наплаќа 3 илјади 800 евра. Пеачите и бендовите кои вечер ќе настапат на плоштадот Скендербег чинат 30 илјади евра, спотовите над 13 илјади, а во вкупната цена влегува и печатен промотивен материјал. Добро ќе биде наплатен, ако се види дека сет од пенкала со лого чинат 20 евра, ексклузивните кожни папки по 10 евра, УСБ стиковите по 10 евра, а полначите за течефони 40 евра. Арбериа е задолжена и за изнајмување конференциски сали, ресторани и кетеринзи, организација на школата за млади лидери, сето тоа уредено со два договори.
Арбериа важи за миленик во добивањето тендери каде потписници се функционери од ДУИ. Лани добила 61 јавна набавка. Од неа се чекаат и свидетелствата за учениците, во повеќе одделенија. Два месеци по завршувањето на школската година, се уште не им се предадени на илјадници деца кои за две недели продолжуваат на наредното скалило од образовниот процес.
Соња Николовска
