Неколку дена траеше убедувањето на докторите со пациентот од Кичево, за да оди и да се тестира.
Осип и други симптоми има по неколкунеделен престој во странство, но немал волја да дозволи да му биде земен брис.
Сè до денес, кога конечно екипите од надлежниот центар за јавно здравје земале материјал за анализа.
Министерот за здравство одлучил лицето да се стави под т.н. „здравствен надзор“, а решение издадено од здравствените инспектори денес му е доставено на 43 годишниот кичевчанец.
„Од Комисијата за заразни болести информираат дека од Центарот за јавно здравје Битола веќе е земен примерок за анализа од пациентот од Кичево за кој беше препорачано тестирање. Веднаш по обработка на земениот брис во лабораторијата на Институтот за јавно здравје, јавноста ќе биде информирана за резултатот од земениот брис“ информираа од Министерството за здравство.
Пред два дена, Комисијата за заразни болести препорача воведување мерки како изолација или карантин во домашни или болнички услови на сомнителните случаи сè до нивно тестирање, потоа изолација на потврдени случаи во домашни или болнички услови до завршување на болеста или зацелување на крастите, како и секојдневно епидемиолошко следење на контактите на потврдени случаи со мајмунски сипаници.
Истите веќе се испратени до министерот за здравство Беким Сали, а до Влада сè уште не е пристигнат никаков допис и неизвесно е кога мерките ќе стапат на сила, во моменти кога мајмунските сипаници се шират насекаде низ Европа, а се бројат случаи и во блиското соседство.
Во меѓувреме, професорот Петличковски од Комисијата за заразни болести вчера укажа дека мајмунските сипаници не се ниту слични на Ковид-19 и имаат сосема различен начин на пренесување, преку многу близок контакт.
Стравот од стигматизација во општеството кај потенцијалните пациенти е најголем во тие моменти, пак, смета инфектологот доктор Фадил Цана и повика многу внимателно да се постапува со тие луѓе, но да се најде начин и да се направат потребните тестови каде што е потребно.
„Сметам дека пристапот треба да е многу суптилен. Најпрво од страна на клиничарите коишто поставуваат индикација на таквите суспектни случаи. Значи тие мора добро да ја знаат патологијата на болеста за да постават суспекција и да може на тој пациент да му се каже дека треба да се тестира. Јас сум апсолутно за тестирање и навремено дијагностицирање на таа категорија на пациенти. Кога вистински професионалец поставил индикација за тие пациенти, тогаш здравствениот систем треба да најде начин како да ги убедува дека треба да постои дијагностика на таквите случаи“ изјави д-р. Фадил Цана, инфектолог.
Додека докторите будно следат дали нова заразна болест ѝ се заканува на земјава, политичарите се препукуваат.
Гласни критики стигнуваат до Владата, а испратени од опозиционерите заради тоа што тие препознаваат пасивност од страна на институциите во моменти кога може да се превенира ширење на мајмунските сипаници и кај нас.
Петар Догов