Вести Свет Топ вести

Жестоки борби за контрола на Северодоњецк – војната во Украина го зголемува и бројот на гладните во светот

Руската офанзива во регионот источна Украина продолжува со обидите за целосно освојување на градовите Северодоњецк и Лисичанск, клучен дел од регионот каде се произведува јаглен во Донбас.

Во Северодоњецк е сместена и огромната хемиска фабрика Азот, која произведува ѓубрива, додека во Лисичанск е сместена втората најголема нафтена рафинерија во земјата.

Украинците тврдат дека ја вратиле контролата на делови од Северодоњецк но жестоките улични борби продолжуваат и според сите предвидувања само прашање на денот е кога Руските сили целосно ќе го освојат градот.

„Главните руски напади се спроведуваат во правец на Северодоњецк и Бахмут. Со поддршка на артилеријата, непријателот спроведува напади во градот Северодоњецк, засилувајќи ги силите заради мобилизацијата на резервите на втората армиска единица. Борбите продолжуваат во градот“ – изјави портпаролот на генералштабот на Украинските сили, Олександр Штупун.

Повеќе десетици илјади луѓе и натаму се кријат во подрумите и засолништата во овие два града и нивната евакуација е речиси невозможна.

Од своја страна Русија тврди дека уништила база со странски платеници во близината на Одеса, заедно со тренинг центар каде Украинците се обучувале како да ги користат донираните хаубици од Западните сојузници.

Руската инвазија на Украина се заканува да предизвика глобална криза во снабдувањето со основните прехранбени производи, чии главни колатерални жртви се бидат најсиромашните африкански земји.

Претседателот на Сенегал и на Африканската унија, Маки Сал, вчера во Сочи побарал помош од рускиот преседател Путин, за олеснување на страдањето во Африка, преку овозможување на извозот на житото и пченицата.

Околу 40% од пченицата која се конзумира во Африка доаѓа од Украина и Русија. Украинските пристаништа на Црното море се или освоени од Русија по почетокот на војната или пак минирани од Украинците во обид да спречат амфибиски напад на руските сили.

Путин понудил три опции за спроведување на извозот на Украинската пченица без никакви предуслови, укинување на санкциите кон Белорусија и трансфер преку Балтичкото море, извоз преку Мариупол и Бердјанск на Азовското море кои ги контролираат русите или пак извоз преку Одеса, која се уште е под контрола на Украинците.

„Во однос на трансферот преку пристаништата кои ние ги контролираме, какви би биле условите?“

 

„Никакви услови. Ве молам, ние ќе гарантираме безбеден трансфер, ќе ја гарантираме безбедноста на приодот до тие пристаништа, како и влезот на странските бродови и нивното движење по Азовското и Балтичкото море, во сите правци, се извинувам, по Азовското и Црното море“ – изјави Путин.

Обединетите нации предупредија дека доколку не се отворат пристаништата во Украина, светот, особено Африка ќе се соочи со глад, која може да предизвика и нов бран масовна миграција.

Директорот на Светската програма за храна, Мајк Данфорд, изјави дека повеќе од 80 милиони луѓе се соочуваат со недостаток на храна во Африка, зголемување од 30 милиони пред само една година.

Никола Илиевски

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

За едно деноноќие 197 граѓани во Гостивар побарале лекарска помош

Sonja Petrusevska

Пропуштање на патнички возила на секои 10 минути, целосен прекин на товарниот сообраќај – грчките цариници најавија штрајк во понеделник

Sasko Dimovski

Зулфикар Зејнула избран за нов министер без ресор – заокружена реконструкцијата на владата

Sasko Dimovski

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе