Командантот на баталјонот Азов и украинските бранители во Мариупол тврди дека со денови се водат крвави борби меѓу нив и проруските сепаратиси и руската армија во кругот на челичарницата Азовстал.
Челичарницата Азовстал е последното украинско упориште во Мариупол, кое е клучна стратешка мета за руската армија. Москва тврди дека договорено е тридневно примирје во Мариупол за да се евакуираат останатите цивили во челичарницата, но досега многупати ваквите договорени зелени коридори не профункционираа. Украинскиот министер за надворешни работи смета дека репутацијата на ООН, кои се вклучија во организирањето евакуација, е ставена во прашање.
„Мариупол е најболната тема за разговори. Се надеваме дека ќе успееме да евакуираме повеќе цивили од Мариупол, од градот, но и од челичарницата Азовстал, која е последното упориште на Украина во овој град. Оваа евакуација се одвива под покровителството на ООН. Значи, репутацијата на ООН исто така е ставена во прашање во овој процес.“- изјави украинскиот министер за надворешни работи Дмитро Кулеба.
Во останатиот дел од источна Украина, исто така се водат жестоки борби. Украинската армија тврди дека успеале да вратат неколку градови и села во околината на Николаев и Херсон, додека во исто време успеале да одбијат 11 напади во регионите на Доњецк и Луганск. Според Украинците, руската армија продолжува со офанзивата во источна Украина, но украинските бранители ги спречуваат нивните обиди да го пробијат фронтот долж линијата помеѓи Лиман, Северодоњецк и Попасњиск.
Игор Трајков
