Украинските власти страуваат дека околу 300 лица под урнатините на театарот во Мариупол загинале, поради неможноста на спасувачите на време да стигнат до нив. Театарот беше бомбардиран од руската армија минатиот петок, а спасувачката операција е попречена поради непрекинатите улични борби кои се интензивираа веднаш потоа, откако градот стана приоритет на Русите на југот од Украина.
Околу 100-на илјади цивили цел месец се заглавени во Мариупол. За денеска повторно е договорен зелен коридор, но по неколку неуспешни обиди нема преголем оптимизам дека евакуацијата ќе биде успешна. Во градот кој е речиси еден месец под опсада нема струја, вода, храна и лекови, а комуникацијата се одвива исклучително отежнато. Украинските власти тврдат дека 80 проценти од градот е уништен а видео снимките кои некако ќе успеат да излезат од градот, го потврдуваат тоа.
„Некои од улиците изгледаат вака, и затоа мораме да возиме на вакви интересни начини.“
Но, за разлика од очајната состојба во Мариупол, неочекуваната украинска контраофанзива вроди со плод кај Киев и Харков. Руската армија беше истисната од неколку градови западно од Киев, додека на југот Украинците успеаја да го намалат притисокот врз Миколаив, потиснувајќи ги Русите назад до предградијата на Харков.
„Ова беше месец на трагедија и храброст, момент на вистината за секој еден од нас, прослава на нашите вредности и големата цел. Покажавме што значат за нас слободата и единството.“, вели градоначалникот на Киев, Кличко.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски, доцна синоќа во видео обраќање пред Европскито совет, оцени дека Брисел задоцнил со спречувањето на руската инвазија врз неговата земја, не санкционирајќи ја навремено Москва и не запирајќи го порано „Северен тек 2“. Зеленски исто така ги замоли европските лидери за брз прием на Украина во унијата.
Игор Трајков
https://youtu.be/ktJ6oGgxPwY
