Детската амбасада „Меѓаши“ од Скопје даде целосна поддршка на граѓанската иницијатива против аерозагадувањето во Кочани и ја осудува злоупотребата на децата во активности што се поврзани со промовирање на субјекти кои ја нарушуваат животната средина.Претседателот на детската амбасада Меѓаши, Драги Змијанац доцна попладнево во Кочани го стави својот потпис на петицијата со која ќе се бара поддршка од странските амбасади и други меѓународни институции против континуираното загадување на воздухот во кочанскиот регион.
-Правото на живот е елементарно право што го има секое дете, а со оглед на состојбата во Кочани и со еден од загадувачите кој ги труе граѓаните и децата, сметаме дека оваа иницијатива треба да биде целосно поддржана. Истовремено, изразуваме револт и згрозување поради тоа што деца беа изманипулирани и злоупотребени на акција за пошумување, а на кои им се поделени маици од главниот загадувач. Сето тоа во спрега со локалната самоуправа е сосема неодговорно, поради што сме разочарани и моравме да реагирам, вели Змијанац
Посочи дека за решавање на загадувањето во Кочани мора многу поактивно да се вклучат Министерството за животна средина и Државниот инспекторат за животна средина. Доставиле и до Комитетот за правата на децата , оттаму се очекуваат препораки што ќе бидат обврзувачки за целата држава, со што ќе се направат притисоци за да се подобри еко-сферата.
Викторија Јованова
