Одземените надлежности на најголемата битолска детска градинка „Естреја Овадија Мара“, за градоначалникот на Битола Тони Коњановски е опструкција од централната власт. Тој се пожали дека поради тоа не може да ги спроведе промените ветени пред граѓаните. Рече дека до Општината стигнаа многу претставки за работата на директорката, а членот на управниот одбор од редот на вработените не е изгласан во Советот затоа што е нелегално избран во установата.
Очекувам, Министерството за труд и социјална политика да запре со опструкциите врз општина Битола, особено во овој случај кога се во прашање децата, да ја преиспита својата одлука и преку надлежните институции, да спроведе постапка со која ќе го провери работењето на детската градинка „Естреја Овадија Мара“, а истовремено да создаде услови за професионално и посветено работење на установата. Во име на промените ветени пред граѓаните, бараме да престанат опструкциите, стопирањата и блокадите , рече Коњановски.
Вчера Министерството за труд и социјална политика ги одзеде надлежностите на Општината и градоначалникот откако Советот не ги усвои програмата за работа и завршната сметка, и не го изгласа членот на Управниот одбор, со што, како што изјави директорката, 4 месеци е блокирана работата на градинката, која е прва во државата со одезмени ингеренции.
Емилија Мисирлиевска
