Оштетена е браната кај неготинското село Липа. Со цел да се утврди состојбата на терен и соодветно да се реагира за да не се доведат во опасност луѓе и имоти, денеска увид на оштетената брана изврши директорот на Центарот за управување со кризи, Стојанче Ангелов.
За протекувањето на браната разбравме од единствениот пар мештани кои постојано живеат таму, тие ја алармирале неготинската локална самоуправа и нашата подрачна единица во Неготино. Оваа брана своевремено била изградена во рамки на селска задруга, сега е во државна сопственост, но нема официјален сопственик. Затоа е потребно да се определи кој ќе стопанисува со неа и да се преземат мерки за санирање на оштетувањата. Затоа што ако не се санира оштетениот дел од кој веќе протекува вода, може да настрадаат луѓе и животни кои се движат во овој дел, но може да бидат оштетени и земјоделски имоти, изјави Ангелов.
Тој додаде дека доколку дојде до уривање на браната, постои можност да се оштети и патот Војшанци – Бистренци.
Јован Ѓелов рече дека пред некоја година била извршена реконструкција на браната за да се санираат оштетувања, но сега повторно се појавило протекување на некои места.
Селото Липа е на границата меѓу неготинска и демиркаписка општина. Овде редовно доаѓаат посетители за викенди и празници.
