Вести Најважни Свет

Преживеани во урнатините од бомбардираниот театар во Мариупол

Засолништето под театарот во Мариупол го преживеало бомбардирањето на руските сили, соопштуваат локалните украински власти. Според нивните информации, околу 1.000 до 1.200 луѓе се криеле во засолништето, претежно жени и деца, и најверојатно го преживеале нападот, иако за сега не се знае дали меѓу нив има загинати или повредени. Сателитските снимки од американската компанија Максар, направени пред бомбардирањето на театарот во Мариупол, покажуваат дека на паркингот зад зградата на театарот и на плоштадот пред влезот со големи букви било напишано „деца“ на руски јазик, јасно ставајќи им до знаење на руските пилоти дека во зградата се засолнуваат деца. Но, тоа сепак не ги спречило да ја гранатираат со бомба од околу 1.000 килограми, тврди украинската страна.

Жестоките борби околу градот продолжуваат, а цивилите кои успеале да го напуштат сведочат за хоророт кој го преживеале.

Претседателот Зеленски во секојдневни видео обраќања во законодавните домови ширум светот, се обидува да обезбеди поголема подршка за неговата земја. Денеска зборуваше во Бундестагот, каде преку видеобимот ја обвини Германија дека интересите на сопствената економија ги ставила над безбедноста на неговата земја, двоумејќи се за тоа со каков тон германската дипломатија треба да ја осуди руската инвазија.

„Во текот на трите недели војна за нашите животи и за нашата слобода, ни стана јасно што чувствувавме претходно, и што многумина од вас можеби се уште не го забележале. Вие повторно сте зад еден ѕид, не како берлинскиот, туку во средината на Европа, помеѓу слободата и заробеништвото, и тој расте со секоја бомба врз нашата земја, врз Украина, со секоја недонесена одлука во име на мирот, а која можела да помогне“, изјави Зеленски.

И рускиот претседател Владимир Путин и се обрати на нацијата за ситуацијата со специјалната операција во Украина. На Русите им порача дека економијата ќе се прилагоди на новата реалност, предизвикана од санкциите воведени од западните земји, чија крајна цел, според него, била уништувањето на Русија.

„Целокупниот запад се обидува да го подели нашето општество, шпекулирајќи за воени загуби, за социо-економските последици од санкциите, да испровоцираат цивилни немири во Русија, и употребувајќи „петто колонаши“ се стремат да ја постигнат својата цел. А целта е една, а веќе сум го кажал ова, уништувањето на Русија“, рече рускиот претседател Путин.

Во меѓувреме руското Министерство за надворешни работи соопшти дека денеска ќе продолжат преговорите со Украина, повторно преку видео врска. Фајненшл тајмс соопшти дека Украина и Русија дека уште во понеделникот договориле мировна рамка од 15 точки, меѓу кои прекин на огнот и повлекување на Русија под услов Киев да прогласи неутралност и прифати ограничувања на своите вооружени сили, Киев да се откаже од своите амбиции да се приклучи на НАТО и ветување дека нема да биде домаќин на странски воени бази или оружје. Договорот треба да вклучува воено-безбедносни гаранции од сојузниците како што се САД, Велика Британија и Турција, а Киев треба да продолжи да ја задржува својата војска. Киев, исто така, треба да обезбеди еднаква употреба на рускиот јазик во Украина.

Игор Трајков

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Им дал 25.000 евра, но наместо торба полна со денари, му дале торба со ливчиња – скопјанец наседнал на измама од двајца странски државјани

Дејан Дејан

(Видео) Повредени 155 полицајци, уапсени 74 навивачи – хаос во Берлин на меч од четврта фудбалска лига

Дејан Дејан

Димитровска: Оформени се 45 предмети во врска на изборите од денот на нивно распишување

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе