Борбите во Украина продолжуваат во повеќе делови од земјата, но за прв пат од двете страни доаѓаат најави дека преговорите на двете страни може да доведат до компромис и мир.
Украинскиот претседател, Володимир Зеленски, оцени дека позициите во преговорите веќе звучат пореално, додавајќи сепак дека потребно е повеќе време за да се донесат одлуки во најдобар интерес на земјата.
Истовремено и шефот на руската дипломатија, Сергеј Лавров, изјави дека во преговорите со Украина, се појавил позитивен бизнис пристап, фокусиран меѓу другото и на неутрален статус на Украина.
Неутрален статус сериозно се разгледува, секако во врска со безбедносни гаранци. Токму тоа и го кажа Претседателот Путин во февруари на една од прес конференциите. Сите можни опции, секоја генерално прифатлива безбедносна гаранција за Украина и другите држави, вклучувајќи ја и Русија, со исклучок на проширувањето на НАТО. Сега токму за ова, вие го цитиравте Зеленски, токму тоа се дискутира во преговорите. Има некои конкретни формулации за кои според мене, блиску сме до договор, изјави лавров.
Лавров ги критикуваше и Соединетите американски држави, кои според него, не покажуваат никаков интерес да го решат конфликтот што е можно поскоро, туку напротив продолжуваат да го разгоруваат.
Зеленски преку видео линк се обрати и до најсилниот поддржувач на Украина, Соединетите американски држави, пред двата дома на Конгресот, откако од Белата Куќа дојде и веста за дополнителна воена помош за Украинците, во износ од 800-тини милиони долари.Тој ги повтори барањата за прогласување на небото над Украина за зона на забранети летови или пак борбени авиони со кои Украинците би можеле поефикасно да се бранат.
Во Брисел денеска се одржува и состанок на министрите за одбрана на земјите членки на НАТО а генералниот секретар на Алијансата по разговорите со американскиот секретар за одбрана, Лојд Остин, оцени дека зголемениот број американски војници во Европа е силна порака за транс-атлантското единство.
НАТО одговори на обединет и брз начин. НАТО сојузниците воведоа остри санкции против Русија. Сојузниците обезбедуваат значајна поддршка за Украина – воена поддршка, финансиска и хуманитарна поддршка и ние ја зајакнуваме нашата колективна одбрана. Стотици илјади трупи на повисок аларм, 100.000 војници, американски војници во Европа и потоа 40.000 сили под командата на НАТО, во најголем дел во источниот дел од Алијансата, поддржани од морски и воздушни сили, рече Столтенберг.
На боиштата во Украина, крвопролевањето не запира. Главниот град на државата, Киев утринава го потресоа нови силни експлозии. Во западниот дел од градот, во населбата Шевченко, била гранатирана една 12-катна зграда, при што се повредени најмалку 2 лица.
Во Киев на сила е и 35 часовниот маратон кој го воведе градоначалникот, Виталиј Кличко, иако престолнината на Украина досега беше поштедена од најжестоките борби кои беснеат во другиот дел од државата.
Жестоки борби се уште се водат и за контрола на градот Мариупол, во јужна Украина, каде според локалните власти, руските трупи како заложници држат речиси 400-тини луѓе во една болница, вклучувајќи и доктори и пациенти.
Жителите на овој град повеќе од една недела се без електрична енергија, греење, вода а се помалку има и храна.
По повеќедневни безуспешни обиди, украинските претставници потврдија и дека вчера била изведена успешна евакуација на речиси 20 000 луѓе од Мариупол, градот со повеќе од 430 илјади жители.
Никола Илиевски
