Генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг ја обвини Русија дека подготвува нова лажна операција која ќе ѝ биде оправдување за употреба на хемиско оружје во Украина.
Со месеци ја отривавме долгата листа лаги на Русија. Тврдеа дека не планираат да ја нападнат Украина, но ја нападнаа. Тврдеа дека ги повлекуваат своите војници, но испратија уште повеќе. Тврдат дека ги заштитуваат цивилите, но тие убиваат цивили. Сега излегоа со апсурдни тврдења за биолошки лаборатории и хемиско оружје во Украина. Ова е уште една лага, рече Столтенберг.
Рускиот министер за надворешни работи го повтори тврдењето дека западот продолжува да шири хистерија околу Русија а западните медиуми ги премолчуваат информациите за напади врз цивилите во Донбас.
Откриените факти го покажуваат колосалниот обем на нелегалните активности на САД во ширењето на воени биолошки лаборатории ширум светот. Стотици такви лаборатории, вклучувајќи речиси 30 само во Украина, беа направени во повеќе други држави од поранешниот Советски Сојуз, токму долж периметарот на руските граници, патем, исто така и на границите на Народна Република Кина, и други држави кои се наоѓаат таму, обвини Лавров.
Украинскиот претседател зборувајќи со северноевропските лидери од Здружените експедициски сили, порача дека Украинците разбираат зошто земјата не може да му се приклучи на НАТО и дека ќе мораат сами да се изборат за опстанок на својата земја, иако се соочуваат со далку поброен непријател.
Има толку многу окупатори овде што нашата армија ги нарекува хорда на скакулци, нема друг начин, има најмалку 10, 20, 30 луѓе на еден наш човек, и 100 тенкови на еден наш тенк. Ова е вистинската статистика, порача Зеленски.
Киев воведе 35 часовен полициски час поради жестокото руско бомбардирање во текот на ноќта, во кое загинаа најмалку 4 лица. Градоначалникот Виталиј Кличко им порача на своите сограѓани полицискиот час да го поминат во бункери.
Ги повикувам сите, секој цивил, ве молам, ако можете поминете го времето во бункери, ги повика Кличко.
Интензивни бомбардирања и борби продолжуваат во Харков и Мариупол, каде според локалните власти од почетокот на руската инвазија во градот до сега загинале најмалку 2.400 цивили а изминативе денови градот успеале да го напуштат околу 2.000 возила со цивили.
Игор Трајков
