Четворица дрвокрадци со запрежна кола се фатени на патот кај населбата Мирјанина Црква во Штип. Акцијата се одвиваше пред медиумите, кои заедно со штипскиот градоначалник се враќаа од увид во градежни активности на локалниот пат Шашаварлија. Јорданов пред камерата на Емнет ги повика полициските службеници дека на патот пред нив е запрежната кола со дрва.
Откако дрвокрадците ги забележаа полициските службеници се разбегаа и ги оставија дрвата, запрежната кола и моторната пила.
Штипскиот градоначалник најави дека во среда ќе го свика локалниот Совет за превенција на кој освен локалните институции ќе присуствуваат и од СВР-Штип, Обвинителство, судската власт и Шумска полиција, а со цел да се делува координирано.
Граѓаните неколку години реагираат дека во овој дел на градот Штип можат да се забележат и возила без регистерски таблички, кои носат дрва, а боровата шума која е во месноста Мирјанина црква веќе неколку години неконтрилирано се сече и околу неа се создаваат диви депонии, но и нелегално се градат куќи. На овој потег ќе се постават комунални редари, а на терен ќе излезат и градежните инспектори и полицијата.
Викторија Димитрова Јованова
