Русија се подготвува за национализирaње на странските компании. Руската влада подготви закон со цел да го спречи повлекувањето на странскиот капитал од земјата, со можност за негова национализација. Нацрт-законот предвидува воведување „надворешна администрација“ во компаниите, доколку странските сопственици ги затворат. Тоа би значело, како што изјави рускиот претседател, Владимир Путин, на денешниот состанок со својот Кабинет, воведување надворешен менаџмент во компаниите.
„Што се однесува до оние што кои ќе го затворат своето производство, треба да бидеме решителни, во ниту еден случај да не дозволиме некаква штета на локалните добавувачи, руските добавувачи на компоненти и материјали. Неопходно е, како што предложи претседателот на Владата, да се воведе надворешен менаџмент и потоа да се префрлат овие претпријатија на оние кои сакаат да работат“, изјави Путин.
Список на странски компании кои би можеле да бидат национализирани е доставен до Канцеларијата на јавниот обвинител, објави рускиот портал „Известија“. На него се наоѓаат 59 компании кои најавија прекин на работата во Русија, меѓу кои „Фолксваген“, „Епл“, „ИКЕА“, „Мајкрософт“. „Ај-Би-Ем“, „Шел“, „Мекдоналдс“, „Порше“, „Тојота“, „ХиМ“ и други.
Меѓу компании кои ја напуштаат Русија или ги запираат инвестициите се и индустриските и рударските гиганти како „Катерпилар“, „Рио Тинто“, „Старбакс“, „Сони“, „Јунилевер“.
„Изготвен е предлог-закон за спречување на затворање на производството. Доколку странските сопственици неосновано ја затворат компанијата, владата предлага да се воведе надворешна администрација. Во зависност од одлуката на сопственикот, таа ќе ја одреди иднината и судбината на компанијата. Клучна цел ќе биде да се зачува профилот на организацијата и работните места“, изјави Михаил Мишустин, премиер на Русија.
Освен преземање на имотот и капиталот на странските компании, Русија возврати на санкции кон неа и со воведување забрани за извоз на низа производи до крајот на 2022 година. Меѓу забранетите производи за извоз се телекомуникациските производи, медицинските, возилата, земјоделска и електрична опрема, но и на дрво за дрвната индустрија. Забраната вклучува и извоз на стоки направени од странски компании кои работат во Русија. Ставките вклучуваат автомобили, железнички вагони и контејнери.
Дополнително Русија како контрамерка на санкциите најави и можно ограничување за странските бродови во руските пристаништа.
Според новинаската агнеција „Интерфакс“ Русија би можела од 15 март до 31 август привремено да забрани извозот на жито за земјите од поранешниот Советскиот сојуз кои се дел од Евроазиската економска унија, а во истиот период можна е забрана и на извоз на шеќер надвор од Унијата.
Инаку санакциите кон Русија поради нејзината инвазијата врз Украина веќе и нанесоа сериозен удар на руската економија. Путин на денешниот состанок на Кабинетот во тој контекст посочил дека Западот прогласил неисполнување на финансиските обврски кон Русија, ги замрзнал нејзините златни и девизни резерви и со сите средства се обидувал да ја запре надворешната трговија, но и да создаде недостаток на секојдневна увезена стока во Русија, принудувајќи затворање на бизнисите во странска сопственост. Според него прв приоритет на Русија во такви услови е стабилизирање на состојбата во финансискиот систем.
Тамара Грнчароска
