Вести Свет

Едно дете меѓу трите жртви во нападот на детската болница во Мариупол

Тројца луѓе, меѓу кои едно дете, беа убиени во вчерашниот Руски воздушен напад на детска болница и родилиште во градот Мариупол, потврдија официјални украински претставници.

Уште најмалку 17 луѓе се повредени во страотните експлозии, меѓу кои има и бремени жени.

Според локалните власти во градот кој е под жесток напад на руските единици веќе неколку дена, ова не е првата болница која е уништена во Мариупол. Претходниот ден, била уништена и болница за лекување на болни од Ковид со 300 кревети, додека разорен бил и центар за трансфузиологија, каде се собираат донации во крв.Светската здраствена организација тврди дека досега во Украина биле изведени најмалку 18 различни напади на здравствени институции во земјата, од почетокот на инвазијата.

Украинскиот претседател, Володимир Зеленски, ја обвини денеска Русија дека извршила воено злосторство со бомбардирањето на болницата во Мариупол, повикувајќи на засилување на санкциите против официјална Москва со цел да се прекине инвазијата врз Украина.

„Воздушна бомба на детска болница е без сомнение доказ дека тоа што се случува е геноцид врз Украинците. Европејци! Нема да може да кажете дека не го видовте тоа што им се случува на Украинците и Мариуполците. Видовте. Знаете. Затоа, мора да ги засилите санкциите против Русија, која нема да има шанса да продолжи со овој геноцид. Треба да ја притиснете Русија за да седне на преговарачката маса и да ја заврши оваа варварска војна“, изјави Володимир Зеленски, Претседател на Украина.

На градот Мариупол, на Азовското море, му се заканува вистинска хуманитарна катастрофа. Речиси 430 000 жители на градот повеќе денови се под жесток руски напад од воздух и земја. Освојувањето на Мариупол има клучно стратешко значење за Руската армија и нивната инвазија на Украина, бидејќи на тој начин ќе остварат директна комуникација меѓу полуостровот Крим и ткн народни републики на проруските сепаратисти во Доњецк  и Луганск. Жителите на Мариупол живеат без струја, вода и греење, додека се помалку има и храна.

„Немаме вода за пиење. Во становите, температурата е околу 10-12 степени. Немаме гас, се замрзнуваме. Немаме храна, луѓето крадат. Дрвата се сечат, телата се закопуваат во дворовите на зградите. Толку е страшно. Не можеме да живееме вака!“, вели Тетјана Николенко, жителка на Мариупол

Заради пренатрупаните мртовечници, локалните власти започнаа да ги погребуваат мртвите сограѓани во масовна гробница.

Градските власти ископаа ров долг 25 метри, на едно од најстарите гробишта во градот, каде ги фрлаат безживотните тела на своите сограѓани завиткани во кеси. Околу 1 200 луѓе досега го загубиле животот во 9-дневната опсада на градот. Дел од погребаните во масовната гробница не ги загубиле животите во руските напади, починале од природни причини, но заради хаосот во град, нивните тела досега не можеле да се погребаа.

Жителите на градот се кријат во засолништата, обидувајќи се да се заштитат од руските напади, но и студот, во текот на минатаат ноќ, температурата се спуштила и под 9 степени целзиусови.

Никола Илиевски

 

 

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Гори Канада – над 800 активни пожари, најголем дел се надвор од контрола

Sasko Dimovski

Кос со осуда на изјавата на српската министерка Пауновиќ дека етнички би го исчистила Косово во 1998 година да била на местото на Милошевиќ

Sasko Dimovski

(Видео) Улици претворени во реки – силно невреме вечерва ја зафати Битола

Sasko Dimovski

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе