Кои извори за информирање ги користат македонските медиуми кога известуваат за конфликтот меѓу Украина и Русија?
Ова истражување опфаќа период од 1-ви до 28ми Февруари 2022 година, на тема „Конфликтот Русија-Украина“. Опсег на мониторинг се 400 македонски дигитални медиуми.
Вкупно 41.113 вести се објавени во текот на февруари во врска со конфликтот, од кои доминантиот број беа објавени кон крајот на месецот, кога започна и вооружениот напад.
При известувањето, македонските медиуми во 40.7% цитирале одреден извор за своите информации. Во 59.3% од вестите, или во 24.380 вести, не се споменува изворот на информацијата. Мал дел од овие вести се локални настани поврзани со конфликтот, како, на пример, одлуката за забрана на Руските авиони да прелетуваат низ нашата територија.
Скоро 3 пати повеќе вести се засновани на меѓународни извори (28.8%) споредено со руски извори (9%), додека на украински извори се засновани само 3% од вестите.
Најцитирани меѓународни медиуми и агенции се Ројтерс, CNN и BBC, додека најцитирани руски извори се ТАСС, Интерфакс и новинската агенција РИА новости. Најцитирани украински извори на информации се Укринформ, Украинска правда и Киев индипендент.

Во забележителен број на вести не е прецизиран изворот од кој се добиени информациите, туку се наведени како „Според украинските медиуми“, „Според руските медиуми“ или „Според светските медиуми“. Вкупно тоа се илјадници вести, особено во последната недела од Февруари.
Во Србија пак односот е 54,1% меѓународни извори, 27 % руски извори и 5 % украински додека имаат мал број на нецитирани извори.
Забележливо е дека во истражувањето е наведено дека во Македонија биле класифицирани 41.113 дигитални медиумски содржини што е двојно повеќе од Србија или Албанија кои имаат по нешто над 20 илјади информации објавени во двете земји засебно.
Според истражувањето на дигиталните медиуми, од целиот регион, во Македонија всушност се објавени најмногу вести за кризата во Украина и за првите 4 дена од руската инвазија.
