И покрај силните напори на американскиот претседател Џо Бајден да го спречи рускиот напад врз Украина, рускиот претседател Владимир Путин не се предомисли. Бајден се закани дека против Москва ќе бидат воведени најстрогите до сега видени економски санкции, работеше на обединување на американските сојузници зад заеднички став, ја вооружи Украина со повеќе оружје од кој било претходен претседател и го зголеми американското воено присуство на источното крило на НАТО, но тоа не беше доволно.
Сега, како Бајден ќе се справи со најголемата меѓународна криза до сега во неговиот мандат, ќе има длабоко влијание неговата политичко наследство и односите на САД со остатокот од светот.
На почетокот на украинската криза Бајден вети дека САД и сојузниците одлучно ќе одговорат на евентуалниот руски неиспровоциран и нелегален напад, но неговото справување со оваа криза до сега донесе делумни резултати. Од една страна, неговиот пристап од почеток беше ограничен затоа што администрацијата веднаш стави до знаење дека не е подготвена да испрати американски војници во нова војна. Потпирањето на дипломатијата и санкциите од самиот почеток сигнализираше дека американската јавност нема апетит за нова интервенција по скапите авантури во Ирак и Авганистан.
Путин правилно процени дека Бајден не е подготвен да започне војна со нуклеарна сила поради земја која граничи со Русија и со која САД немаат никаков одбранбен пакт.
Целокупната дипломатска активност на САД, иако не ја постигна примарната цел – да го спречи нападот врз Украина, сепак постигна нешто што на долг рок би можело да се покаже од исклучителна важност. Го обнови кредибилитетот на Алијансата, како внатре меѓу самите земји членки, така и кон надвор кај сите западни демократии и партнери на Алијансата, откако тој беше длабоко разнишан од администрацијата на неговиот претходник, Доналд Трамп. Американската дипломатија исто така покажа дека ги научила лекциите од фијаското во кое се претвори повлекувањето од Авганистан, и повеќе европски дипломати оценија дека целокупната американска активност околу мобилизирањето на НАТО членките била за пример.
Но од друга страна, се појавуваат и прашањата дали Бајден можеше да направи повеќе од испраќањето на само неколку илјади американски војници во Германија, Полска и Романија.
Еден од недостатоците во овој пакет одвраќачки мерки е што е асиметричен, во смисла што повеќето од нив се економски а ние се соочуваме со воена закана, оцени поранешниот американски амбасадор во Грузија, Иан Кели, и додаде дека Бајден требаше да побара испраќање на НАТО силите за брзо распоредување во Полска и балтичките земји.
Како успех на американската дипломатија се оценува и убедувањето на Германија, долго време сметана за нај резервираната членка на НАТО во поглед на Русија, да го замрзне пуштањето во употреба на „Северен поток 2“.
Еден од можните следни чекори на американската администрација ќе биде исклучување на Русија од глобалниот финансиски систем, но загрижувачката стапка на инфлација во САД создава резерви кај Бајден, кој е загрижен какво влијание би имал таквиот чекор врз дополнително зголемување на цената на нафтата.
Во заднина на украинската криза, но не и помалку важни, се односите на САД со Кина. Американските аналитичари посочуваат дека Пекинг будно ќе го следи развојот на настаните и американскиот одговор го оцени како недоволно цврст, може да повлече потег против Тајван, кој Кина го смета за своја „одметната“ провинција.
На крај треба да се земат предвид и американските избори за Претставничкиот дом во ноември годинава, затоа што постапките на Бајден може да имаат значително влијание врз резултатот на демократите, кои сега имаат тенко мнозинство во Сенатот.
