Руското тврдење дека се повлекуваат дел од војниците стационирани во близина на украинската граница е лага, тврди САД, обвинувајќи ја Москва дека спротивно на најавите, изминативе денови кон украинската граница испратиле дополнителни 7.000 војници.
„Видовме зголемување на војниците изминативе 48 часа, за околу 7.000. Видовме изградба на мост од Белорусија во Украина, или во близина на Украина. Мислам дека треба, како што кажав, ќе ги држиме за збор, но ќе одлучуваме за Русија според нивните постапки, а во моментов трушањето војска продолжува.“ – изјави Бен Волас, Министер за одбрана на Велика Британија.
Состанокот на министрите за безбедност на земјите членки на НАТО продолжува денеска а главна тема е зајакнување на одбранбената способност на Алијансата во Европа. Генералниот секретар на Алијансата оцени дека со последните постапки Русија демонстрирала подготвеност да употреби сила за да ги оспори основните принципи на европската безбедност.
„Новата нормалност е тоа што Русија демонстрираше дека навистина е подготвена да оспори некои од основните принципи на нашата безбедност, правото на секоја нација да си го избере сопствениот пат и секако, правото на НАТО сојузниците меѓусебно да се заштитуваат. Всушност, тие дури предложија правно обврзувачка спогодба која ги прекршува тие принципи.“ – рече Јенс Столтенберг – Генерален секретар на НАТО.
НАТО министрите дискутираат за распоредување на дополнителни 4 борбени групи во Источна и Југоисточна Европа, на веќе постоечки 4 стационирани во Источна Европа уште во 2014 година, веднаш по руската анексија на Крим. Министрите разгледуваат детални планови околу логистичките предуслови, а евентуалната одлука за зголемување на военото присуство на Алијансата, би била донесена на пролет.
Игор Трајков
