Вести Свет

Бугарскиот европратеник Џамбаски со нацистички поздрав му се обрати на италијанскиот европратеник Сандро Гоѕи

Бугарскиот европратеник Ангел Џамбаски, предизвика скандал во Европскиот парламент откако отпоздрави со нацистички поздрав и го напушти хемисиклот, за време на дебата посветена на пресудата на Европскиот суд на правдата со која се критикува владеењето на правото во Унгарија и Полска.

Од парламентарната група „Ренесанса“ на италијанскиот европратеник Сандро Гоѕи го осудија однесувањето на Џамбаски и побараа од претседателката на Европскиот парламент Мецола да преземе мерки.

-Бидејќи го бранеше владеењето на правото во Европскиот Парламент Сандро Гоѕи беше навреден од европратеникот Џамбаски, кој ја напушти салата со скандалозен нацистички поздрав. Ја имаш нашата целосна поддршка Сандро. Ја повикуваме г-ѓа Мецола, претседателката на ЕП, да преземе чекор, објавија на Твитер од парламентарната група Ренесанса, на која и припаѓа Гоѕи.

Џамбаски претходно од говорницата ги нападна своите колеги во европарламентот и застана во одбрана на владејачките партии во Полска и Унгарија, пред да ја „поздрави“ потпретседателката на ЕП Пина Пичерно, која во тој момент претседаваше со пленарната сесија.

-Нема никогаш да се согласиме со вашата агенда, агендата на сите што сакаат да ја уништат Европа трансформирајќи ја во нешто друго. Да живеат Фидес, Качински, Бугарија“, кажа Џамбаски.

Џамбаски, потоа и на Твитер, одлуката на Европскиот суд на правдата ја нарече одвратна.

-Денешната пресуда на ЕСП е одвратна. Не постои здрав човек кој мисли дека Унгарија или Полска немаат функционално владеење на правото. Наместо тоа, го користите како камшик против националните држави што ги презирате. Да живеат националните држави во Европа!, напиша тој на Твитер.

Пичерно набрзо потоа твитна дека веднаш го осудила потегот на Џамбаски и побарала да биде санкциониран.

-Европскиот парламент е жив споменик на демократијата против варваризмот на нацифашизмот, напиша таа.

Џамбаски да биде санкциониран побара и Манфред Вебер, претседавачот на ЕПП, најголемата групација во европарламентот.

-Во име на Европските Народни партии, ова го осудувам најстрого можно. Ова е спротивност на сè што значи Европскиот парламент и бараме веднаш да бидат изречени санкции, твитна Вебер.

Џамбаски е член на ВМРО-БНД и на групацијата ЕЦР во европарламентот, составена од претежно десничарски партии, како унгарската Фидес, полската Закон и правда и шпанската Вокс. На македонската јавност Џамбаски и е познат со скандалозни антимакедонски изјави.

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Демократите го блокираа предлог-законот за одбраната поради војната со Иран

Kristina Kuzmanovski

Александар Лазаров – Цуна кој избега преку прозорец од полициската станица во Кочани, уапсен е во Скопје

Дејан Дејан

Бугарија има најмногу болнички кревети на 100 000 жители – 870, каква е состојбата во Македонија?

Kristina Kuzmanovski

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе