Прилепското јавно обвинителство денеска издаде наредба за ексхумација на телото на 33-годишна родилка од селото Црнилиште, општина Долнени која починала на 10 јануари по породувањето во прилепската болница.
На лице место во селото тимот на Судска медицина од Скопје направи и обдукција. Според обвинителката Маријана Илиеска обдукцијата е на лице место за да се избегнат тензии.
-За да нема отпор и тензии меѓу населението на селото Црнилиште екипата од судска медицина од Скопје, две лекарки и обдуцентот, направија обдукција на лице место. Обвинителството реагираше по допрен глас, изјави Илиеска, а пренесува МИА.
33-годишната родилка на 10-ти јануари го родила своето трето дете на гинеколошкото одделение во болницата во Прилеп, но, веднаш по породувањето имала обилно крвавење, поради што починала. Истрагата треба да ги открие причините, а обвинителството ќе го чека наодот од обдукцијата на родилката почината пред една седмица.
