Вести Македонија Топ вести

СДСМ со четири кандидати за наследник на Заев, во ВМРО-ДПМНЕ Мицкоски е единствен кандидат

Најголемите партии од власта и од опозицијата, СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ, на ист ден, на 12 декември ќе ги бираат своите партиски лидери.

Кај социјалдемократите каде денеска истече рокот за поднесување на кандидатурите стигнаа четири пријави за иден лидер на партијата.

За наследници на Зоран Заев се пријавиле Димитар Ковачевски, актуелен заменик-министер за финансии, Фросина Ременска, поранешна потпретседателка на партијата и професор на Факултетот за безбедност, Властимир Алексовски, професор по физичко образование од Куманово и Јован Деспотовски, актуелен директор на Технолошко-индустриските развојни зони, кој денеска,  последен, поднесе кандидатурата до централната изборна комисија на партијата, заедно со програма налсовена како „Концепт 28“.

Инаку свои изборни програми до партијата доставиле и Ковачевски и Ременска.

Во ВМРО-ДПМНЕ пак засега единствен кандидат за лидер на партијата е досегашниот нејзин претседател, Христијан Мицкоски.

Тој денеска најави дека на партискиот Конгрес ќе биде усвоена новата доктрина на партијата.

„Очекувам после тие конгреси да се понуди нов план, нова визија, нова програма, очекувам тимовите во партијата да бида освежени со една синергија помеѓу лицата кои што се дел од структурата на партија, зборувам кај нас, нови лица, кои што можеби за првпат ќе бидат политички ангажирани“, изјави Мицкоски.

Мицкоски притоа за потегот на СДСМ внатрепартиски избори да ги закаже на ист ден со Конгресот на ВМРО-ДПМНЕ рече дека е политички некултурно.

Мицкоски во пресрет на партискиот Конгрес, ангажирањето на поранешните високи функционери на ВМРО-ДПМНЕ, Зоран Ставерески и Оливер Шамбевски, во тело на партијата за мониторинг и спроведување на проектите ветени на локалните избори, на чие чело е токму тој, рече дека не е политичко, туку само професионално.

„Имајќи предвид дека тие имаат искуство во извршната власт во минатото, имајќи предвид дека имаат стручност, нивната улога ќе биде професионална, не политичка. Ќе бидат тука да помагаат на новите градоначалници, доколку таа помош е потребна, се разбира“, објаснува Мицкоски.

Дека не се враќа во политиката во изјава за Телма потврди и Шамбевски.

„Ова секако не може да го сметате како мое враќање во политиката и т.н., бидејќи не е“, изјави за Телма, Шамбевски.

И Ставревски кој исто како Шамбевски целосно се повлече од политиката по смената на Никола Груевски од власт, за „Фокус“ изјави дека не планира враќање во високата политика.

„Не планирам враќање во високата политика, се враќам во струката и сакам да помогнам со своето знаење, експертиза во финансиската сфера и искуство“, вели Ставрески.

Двојните партиски избори на 12 декември, и во ВМРО-ДПМНЕ и во СДСМ, освен избор на нивните лидери се очекува да ја определи и политиката на двете партии за идните четири години.

Тамара Грнчароска

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани соджини

100-те највлијателни лица во светот за 2024 година

Дејан Дејан

Уапсена претседателката на Антикорупциската комисија во Црна Гора поради сомнежи за злоупотреби со дневници и службени возила

Дејан Дејан

Претседателски избори 2024 – хроника 17.04.2024

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе