Холандската полиција пукаше и рани двајца демонстранти на протестите во Ротердам против новите рестриктивни мерки. Демонстрантите фрлаа со камења и запалија неколку полициски возила во нередите кои завршија со вкупно 7 повредени лица и 20-на уапсени. Неколку стотици демонстранти излегоа на улиците во Ротердам да го изразат своето незадоволство од проширените рестриктивни мерки, кои владата ги воведе минатата сабота.
Според портпаролот на полицијата во Ротердам, полицајците прво пукале во воздух за да ја растераат толпата, но потоа биле приморани да пукаат и во демонстрантите затоа што ситуацијата била животозагрозувачка.
Поради нередите властите прогласија вонредна состојба во градот и ја затворija главната железничка станица.
Новите мерки стапија на сила минатата сабота, откако Холандија регистрираше најмногу новозаболени во еден ден од почетокот на пандемијата. Властите воведоа делумен карантин во траење од три недели, а некои од мерките вклучуваат порано затварање на угостителските објекти и продавниците, а спортиските настани ќе се одржуваат без публика. Пред избувнувањето на нередите, владата најави дека ќе предложи закон според кој ковид пропусниците ќе се издаваат само на лица кои се целосно вакцинирани.
Ова не е прв пат жителите на Ротердам да се бунтуваат против владините мерки. Во јануари исто така имаше немири во градот откако владата воведе полициски час во обид да се ограничи ширењето на коронавирусот.
Игор Трајков
