Турција ослободи израелска двојка која беше приведена под обвинение за шпионажа бидејќи наводно ја фотографирале резиденцијата на турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган за време на патувањето во Истанбул, објави израелскиот премиер Нафтали Бенет.
Бенет ги отфрли обвинувањата за шпионажа против парот, Морди и Натали Окнин, велејќи дека тие не работат за ниту една израелска државна агенција.
Израелската влада испрати висок пратеник во Турција за да помогне во нивното ослободување.
„По заеднички напори со Турција, Морди и Натали Окнин се ослободени од затвор и се на пат кон дома“, изјавија Бенет и израелскиот министер за надворешни работи Јаир Лапид.
Двајцата во заедничката изјава истакнаа дека им се заблагодаруваат на претседателот на Турција и неговата влада за соработката, додавајќи дека со нетрпение го очекуваат брачниот пар да се врати во Израел.
Турските власти ја уапсија израелската двојка на 12 ноември поради наводна шпионажа.
Турската агенција Анадолија наведе дека турскиот државјанин, кој бил во друштво на израелската двојка, бил уапсен и под обвинение за политичка и воена шпионажа.
