Прилепската полиција поднесе кривична пријава против 31-годишен прилепчанец затоа што се обидел со оглас на социјалната мрежа Фејсбук да продаде амфора.
Предметот висок еден метар го ископал од археолошко наоѓалиште и ја присвоил со намера да ја продаде и да се стекне со противправна имотна корист, знаејќи дека се работи за културно-историско наследство, стои во полицискиот билтен.
Огласот на фејсбук бил поставен во август, а во претрес на 2-ри ноември е најден кај осомничениот кој доби кривична пријава за „присвојување на добра под привремена заштита или културно наследство или природни реткости“.
За ова дело е предвидена затворска казна меѓу 1 и 10 години.
Повеќе детали од билтенот на МВР:
ОВР Прилеп поднесе кривична пријава против М.М.(31) од Прилеп, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „присвојување на добра под привремена заштита или културно наследство или природни реткости“. На 06.08.2020 на социјалната мрежа „Фејсбук“, М.М објавил оглас за продажба на амфора со висина од 1 метар и ширина 80 сантиметри за сума од 20.000 денари. На 02.11.2020, при извршен претрес, полициски службеници ја пронашле и одзеле. Пријавениот, амфората ја ископал од археолошко наоѓалиште и ја присвоил со намера да ја продаде и да се стекне со противправна имотна корист, знаејќи дека се работи за културно-историско наследство.
