Вонредна состојба е прогласена во западната канадска провинција Британска Колумбија, откако патните и железничките врски во регионот беа прекинати поради силно невреме, јавува Би-Би-Си.
Канадските војници им помагаат на илјадници жители кои останаа заробени по невремето што ја погоди областа во неделата навечер.
Премиерот Џастин Трудо вети помош за време на посетата на Вашингтон и рече дека војската ќе помогне во обновата.
Една жена загина, а две лица исчезнаа во одроните.
Илјадници луѓе беа евакуирани по т.н атмосферска река – концентрирана влага во атмосферата која носи вода од тропските предели до половите – го исфрли просечниот месечен дожд во регионот за само 24 часа.
Властите во регионот ја припишуваат природната катастрофа на ефектите од климатските промени.
Блокиран е пристапот до најголемото пристаниште во земјата, уништени се важни патишта
Поплавите во Британска Колумбија го блокираа пристапот до најголемото пристаниште во земјата и уништија неколку важни патишта, предизвикувајќи лизгање на земјиштето кои загрозија илјадници луѓе и однесоа најмалку еден живот.
Официјални лица предупредуваат дека бројот на загинати може да се зголеми бидејќи се уште има исчезнати лица.
„Сведоци сме на природна катастрофа“, рече провинцискиот секретар за јавна безбедност Мајк Фарнворт.
