Директорката на Клиниката за гастроентерохепатологија, докторка од истата клиника и претседателот на Управниот одбор ќе добијат прекршочни пријави поради судир на интереси. Оваа одлука ја донесе Антикорупциската комисија откако добила пријава дека при клиничко истражување спроведено на оваа клиника, потпишан е договор за спонзорство со фирма што го застапува производителот на лекот со овие три лица, кои истовремено се истражувачи, а со тоа и корисници на финансиска добивка. „Раководно лице не смее да потпишува договор од кој ќе има лична корист, смета Комисијата, а реагира и на авторскиот договор меѓу двајцата сопружници – едниот како спонзор другиот како доктор истражувач.
Директорката на Клиниката за гастро и претседател на Лекарската комора, Калина Гривчева Старделова, најавува тужба. Објаснува дека тимот на истражувачи, меѓу кои е и докторката Тодоровска, го бира спонзорот. Дополнително, за личен напредок во кариерата, на сите доктори им е неопходно учество во клинички истражувања.
Ова не е прв предмет на Антикорупциската комисија за доктор Гривчева. Комисијата веќе одлучувала за судир на интереси меѓу функциите претседател на Лекарска комора и директор на клиника.
„Предметот е затворен, не постои ваков судир на интереси“, кусо искоментира доктор Гривчева – Старделова.
Соња Николовска
